Кандидатката за градоначалничка на Скопје од СДСМ, Каја Шукова, најави дека ревитализацијата на главниот град ќе ја предводат архитекти и експертската јавност, а новиот Генерален урбанистички план ќе биде донесен уште во првата година од нејзиниот мандат.
„Ноторен факт е дека сликата за Скопје е урбан хаос, непланско и нестандардизирано градење и отсуство на креативни и функционални решенија за секое клучно прашање во Градот,“ истакнува Шукова во објава на социјалните мрежи.
Таа потсети дека Скопје по земјотресот се обновувало со визија за хумано живеење, здрава животна средина и урбанистички решенија на Кензо Танге, но денес „наликува на бетонска џунгла која се зголемува и шири без никаков план, стил и емпатија“.
Според Шукова, „сето ова е резултат од криминалното работење на локалната власт раководена од ВМРО-ДПМНЕ и нивната, како што велеа најуспешна менаџерка – хаос, непланска и агресивна урбанизација“. Таа го обвини кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Скопје, Орце Ѓорѓиевски, дека молчи за урбанистичката политика на изминатите години и со тоа „само ќе биде новото продолжение на Данела Арсовска, режирано од истиот партиски центар на моќ“.
„Не сум против градење, туку против крадење и немање ред и план. Ние сме за урбано, хумано и планирано Скопје. Урбанизацијата мора да биде за граѓаните – не против нив,“ порача Шукова.
Таа најави дека уште на почетокот на мандатот ќе се формира „Фондација развоен институт – Скопје“, чија цел ќе биде организирање на активна соработка меѓу градот, академската и стручната заедница, граѓанските здруженија и сите засегнати страни за воспоставување нови практики за системски развој на градот.
„Тој процес ќе биде основа за носење на новиот ГУП пред крајот на првата година од мојот мандат. Стратешките правци на развој на градот не смеат никогаш да зависат од политичката желба и амбиција на поединци како што беше примерот со проектот Скопје 2014-та,“ додаде таа.
Шукова порача дека нема да дозволи агресивна и непланска урбанизација и заклучи: „Интересите на граѓаните ќе бидат над криминалните интереси. Скопје заслужува ред, план и визија, а не хаос и мафијашки зделки.“