Светските славни личности сè почесто се појавуваат со веренички прстени што предизвикуваат восхит и коментари поради нивната големина и вредност.
Минатиот месец, фудбалската ѕвезда Кристијано Роналдо ја побара за сопруга својата долгогодишна партнерка Георгина Родригез со дијамант тежок меѓу 25 и 35 карати – камен толку голем што половина ѝ го покриваше зглобот на прстот и предизвика бројни реакции на социјалните мрежи.


И сопругата на Џеф Безос, Лорен Санчез Безос, предизвика внимание ова лето во Венеција, каде за првпат го покажа својот редок розов дијамант од околу 30 карати, проценет на 3 до 5 милиони долари.
Сега на овој список се придружи и поп-ѕвездата Тејлор Свифт, која се сврши со НФЛ-ѕвездата Тревис Келси. Нејзиниот прстен е со антички дијамант во стил “mine cut”, за кој експертите проценуваат дека тежи меѓу 7 и 10 карати. Прстенот, дизајниран во соработка со њујоршкиот јувелир Kindred Lubeck, е опишан како „Светиот Грал“ во оваа индустрија поради реткоста на каменот, кој датира од 18 или почеток на 19 век.
„Ова не е човек кој влегол во продавница и рекол: ‘Сакам најголем дијамант’“, изјави Гарет Велдон, претседател на Ирската асоцијација на антикварни трговци. Според него, токму реткоста и историјата на дијамантот ја прават вредноста, а не само неговата големина.
Иако прстенот на Свифт е далеку помал од оној на Родригез или Санчез Безос, тој сепак е значително поголем од просечниот во САД, кој тежи околу 1 до 1,7 карати. Велдон вели дека големината на каменот е „многу нослива“ и практична, за разлика од масивните прстени што често знаат да попречат при секојдневни активности.
Според експертите, трендот на „сè поголеми камења“ е резултат и на порастот на богатството на славните, и на влијанието на социјалните мрежи. Инстаграм и TikTok го наметнаа феноменот на таканаречениот „ring shot“, фотографија на вереничкиот прстен која стана задолжителна при секое свршување.
„Големите камења отсекогаш симболизирале статус, романса и екстраваганција,“ вели Чарли Бојд од Harper’s Bazaar Arabia. „Разликата е што денес не се само монарси оние кои можат да си ги дозволат – туку и технолошки магнати, тајкуни и познати личности.“
Иако овие камења блескаат јавно, експертите предупредуваат дека поради нивната непрактичност, многумина ќе ги чуваат во сеф наместо да ги носат секојдневно. Но со навикнувањето, велат тие, дури и најголемите дијаманти со време изгледаат „нормални“.
Редакција Фронтлајн