Оваа година Скопје Џез Фестивал посебно соработува и со УНХЦР под мотото: Џез солидарност за беглаците. На денешната прес конференција за одбележување на почетокот на фестивалот, изјава даде и претставничката од УНХЦР, Моника Сандри.
„Музиката и солидарноста секогаш одат заедно. Ниту музиката, ниту солидарноста имаат граници. Музиката има моќ да обединува и говори за добрината во луѓето… Музиката има моќ да даде надеж, особено на луѓе што се принудени да ја напуштат својата земја поради конфликти или прогони и кога сѐ наоколу изгледа мрачно, во музиката го наоѓаат спасот… Веруваме дека на светот му треба повеќе солидарност, особено на бегалците. Имаме бројка од 70 милиони присилно раселени лица во светот според извештаите од 2018, од кои 23 милиони биле бегалци, а од нив половина биле деца“, изјави Сандри.
Таа додаде дека е благодарна што организаторите веднаш ја прифатиле и поддржале нивната идеја за соработка и што самиот Фестивал е препознатлив и надвор од границите на државата, па пораката за солидарност глоблно ќе се прошири.
Џез Фестивалот на 17 октомври ќе го отворат двајца познати гитаристи од САД, Дејвид Торн и Фред Фрит Трио. На 18 октомври Сократис Синопулос, и Ануар Браем. На 19 октомври ќе настапи а еден од најзначајните и највлијателни бендови на 20 век, „Art Ensemble of Chicago“, како и норвешкиот пијанист, клавијатурист, композитор, аранжер и перкусионист Јон Балке. На 20 октомври ќе настапи пијанистот Торд Густавсен со неговото трио, како и квинтетот на американска саксофонистичка ѕвезда Џејмс Брендон Луис и контрабас рециталот на француската басистка Жоел Леандре.
На овогодинешното издание на Скопски Џез Фестивал ќе може да се слушнат и диџејскиот сет на Италијанецот Никола Конте, да се проследат концертите во МКЦ на „Next To Silence“ и „Магичен оркестар“ на Џијан Емин.
Во програмата е предвидена и проекција на документарецот „Sounds and Silence: Travels with Manfred Eicher” посветен на „ЕЦМ Рекордс“ и промоција на книгата „Cloud Arrangers” на словенечкиот фотограф Жига Коритник.
Биљана Јордановска