Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека до 1 декември следната година во Србија ќе бидат претставени летечки автомобили, пренесува Nova.rs.
Вучиќ, кој моментално престојува во Кина, по средбите во Пекинг изјави:
„Водевме разговори и за летечките автомобили. Очекувам тие во Кина да добијат дозволи за летечки автомобили. Верувам дека до следната година, до 1 декември, ќе можеме да покажеме како функционираат во Србија.“
Тој и претходно во повеќе наврати најавуваше воведување на летечки автомобили, но датумите на реализација постојано се одложуваат.
Во своето обраќање од Пекинг, Вучиќ зборуваше и за воената парада на која биле претставени кинеските стратешки системи.
„Посебно нè изненадија системите DH-5, стратешки нуклеарни проектили. Тоа се интерконтинентални ракети кои можат да погодат било кое место на Земјата. Кинезите и понатаму напредуваат, работат сè повеќе,“ рече Вучиќ.