Европската Унија работи на изградба на својата отпорност преку зајакнување на сопствените капацитети, изјави денеска главната портпаролка на Европската комисија, Паула Пињо во одговор на новинарско прашање за коментар на ЕК на одлуката на САД за прекин на финансирањето поврзано со воена обука на некои од земјите од Европа.
– Додека ја зајакнуваме одбраната на Украина, мора да преземеме поголема одговорност и за нашата сопствена одбрана и тоа е она на што многу решително работиме со месеци. Тоа стои и зад Планот за одбранбената индустрија од 800 милијарди евра и зад Инструментот за заедничка набавка САФЕ, кој ни овозможува да ги изградиме клучните капацитети кои и се најпотребни на Европа, поврзани, на пример, со противвоздушната и ракетната одбрана, дроновите и кибер заштитата, рече Пињо, без да ги спомене САД или нивната одлука.
Пињо додаде дека и целта на посетата на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен минатиот викенд на земјите членки кои се наоѓаат на источната граница на ЕУ, била да се увиди што може да направи Унијата за да се „покрие споменатиот недостиг“ во финансирањето на програмите за одбрана.
– Ние ја сфаќаме одбраната многу сериозно. И не само што ја сфаќаме сериозно, туку преземаме и многу конкретни мерки. Тоа е целта на нашите напори да ги зголемиме сопствените трошоци за одбраната и за нашите одбранбени капацитети, истакна Пињо.
Кога станува збор за обуката, според неа, ЕУ работи на нејзино обезбедување, пред се за Украина, но и за земјите членки, како дел од зајакнувањето на нивните одбранбени капацитети.