Неповторливиот хуманист и автор Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко, преку новите сликовници „Другарко“ и „Другарка, Другарко и двете маченца“ ја обработува темата која, како што вели, му е особено важна – инклузијата.
„Другарко и Другарка, Другарко и двете маченца се сликовници кои ја обработуваат темата за која многу сакам да зборувам, пишувам и придонесувам. Инклузија,“ вели Јанкуловски.

Со издавачката куќа Prozart Media веќе се реализирани десетина промоции во различни градови низ Македонија. „Тоа е само залет 😁 и ме радува тоа што повеќето од нив се токму такви – успеваме да ја прикажеме инклузијата во пракса, како од публика така и од оние кои настапуваат и ја збогатуваат и разубавуваат самата промоција. Иако друга тема, но и „Авантурите на Космонаутко“ беше инклузивна,“ додава тој.

ФБ профил
За Јанкуловски, овој тип промоции е најдобриот начин сликовниците да проговорат сами за себе. „Ваков тип на промоција е едноставно баш како што сакам и замислувам. Сметам дека така сликовниците најдобро за себе зборуваат. А со секоја наредна промоција растеме, не’ има се повеќе и повеќе и тоа е прекраснотија. Тесни ни се просторите и за наредни разгледуваме стадиони 😀,“ истакнува тој.

На крај, Јанкуловски упатува благодарност кон сите што се дел од овие настани: „Ви благодариме од срце. Ве гушкаат и сакаат Другарко, Другарка и Космонаутко ❤“.
Редакција Фронтлајн





