Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) излезе со предлог-резолуција за утврдување на државните и националните позиции во процесот на европската интеграција, со цел создавање широк политички и општествен консензус за патот кон Европската Унија. Документот предвидува јасни рокови и механизми за заштита на македонските национални интереси, при што јазикот, идентитетот, историјата и културата се исклучени од секое можно преговарање со Брисел.
Извршниот директор на „Евротинк“, Димитар Николовски, во изјава за „Фронтлајн“ оцени дека доколку дојде до вистинско разбирање меѓу власта и опозицијата, новата резолуција може да придонесе за значајна деполаризација во општеството.
– Доколку навистина дојде до меѓусебно разбирање на власта и опозицијата, оваа резолуција може да придонесе до значајна деполаризација во општеството. Секако, согласност од страна на Бугарија или ЕК не е загарантирана. Сепак, иницијалната реакција на премиерот не ми дава голема надеж дека повторно нема да биде искористена за дневнополитички препукувања како и кај претходни вакви обиди, нагласи Николовски.
Резолуцијата утврдува два основни принципа: безусловно почитување на македонските особености и исполнување на обврските од Преговарачката рамка без прифаќање нови билатерални или идентитетски барања.
Документот што го објави СДСМ во целост, утврдува прецизен календар за уставните измени – Владата најдоцна до 25 ноември 2025 да се изјасни за текстот на амандманите, Собранието да гласа првпат до 15 декември, а целата процедура да заврши до 10 февруари 2026. Истовремено, на денот на финалното гласање Владата треба да испрати официјално писмо до ЕУ и Европската комисија, со кое ќе побара свикување Меѓувладина конференција за отворање на првиот кластер од преговорите најдоцна до 15 февруари 2026.
Од ВМРО-ДПМНЕ, премиерот Христијан Мицкоски реагираше остро, оценувајќи дека документот содржи „фалсификати на историски факти“ и најави изработка на „македонска резолуција“ по локалните избори, која според него ќе има цел да ги брани националните интереси.
Резолуцијата на СДСМ претставува обид за постигнување широк национален консензус околу европската иднина на земјата, но реакциите од власта укажуваат дека патот до заеднички став останува предизвикувачки и неизвесен.
Дестан Јонузи