Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека денеска ќе се сретне со директорот за буџет Расел Воут за да одлучат кои „демократски агенции“ ќе бидат кратени, додека трае владината блокада што влезе во втор ден, пренесува Ројтерс.
„Не можам да поверувам дека радикалните левичари демократи ми дадоа ваква без преседан можност,“ објави Трамп на социјалните мрежи.
Веќе се замрзнати федералните фондови за јавен транспорт и зелена енергија во држави наклонети кон демократите, а претседателот се закани со отпуштање на уште илјадници федерални работници. Администрацијата е на пат до крајот на годината да намали 300.000 работни места.
Овој пристап е во согласност со планот „Project 2025“ на Heritage Foundation, кој предвидува драстично намалување на федералната администрација. Белата куќа потврди дека масовни отпуштања се можни, иако повеќе синдикати веќе поднесоа тужби против вакви мерки.
Вкупно околу 2 милиони федерални работници останаа без плата, од кои 750.000 не работат, а другите – меѓу нив и војници и граничари – продолжуваат без надомест. Доколку блокадата продолжи и по 15 октомври, милиони семејства би можеле да се соочат со сериозни финансиски тешкотии.
Демократите остро реагираа, обвинувајќи го Трамп дека ги користи работниците како „заложници“. Сенаторката Пети Мареј предупреди дека масовните отпуштања нема да помогнат во решавањето на застојот во Конгресот.
Сегашната блокада – 15-та од 1981 година – замрзна околу 1,7 трилиони долари за функционирање на федералните агенции. Социјалното осигурување продолжува со исплати, но научните истражувања, економските извештаи и други активности се стопирани.
Сенатот повторно ќе се состане денеска за да се обиде да постигне договор за финансирањето, но до тогаш владата останува блокирана.