Слем-поетот Виктор Спасески од Прилеп е победник на годинешното издание на „Поетски слем Македонија“, кое од 9 до 12 октомври по 15. пат се одржува во Прилеп.
По првпат на финалната вечер имаше тројца пласирани со ист број поени, па слем-поетите мораа да настапат уште еднаш за жири-комисијата одново да гласа. Во тесна конкуренција за првото место беа Горазд Китановски – Кени и Валерија Дамчевска.
Виктор Спасески минатите две години двапати влезе во најтесна конкуренција за првото место на фестивалскиот слем. Тој следната година ќе биде претставник на земјава на Европското слем-првенство.
-За титулата национален претставник се натпреваруваа дваесетина учесници и учеснички на различни возрасти и со уникатни стилови на изразување и творење, кои доаѓаат од цела Македонија, вклучително и од градовите Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Охрид и Велес, наведуваат организаторите.
Последната вечер ја одбележа и специјалниот гостин од Белгија, Кевин Амсе, кој настапи во рамки на интернационалната програма. Слемерот Кевин Амсе, кој неколку години по ред бил финалист на Белгиското слем-првенство, настапи на фламански и холандски јазик, а публиката имаше можност да се запознае со неговите стихови благодарение на препевот на македонски на Ели Пујовска и на фондацијата „Фландерс Литрача“. Стиховите на македонски јазик ги интерпретираше Игор Трпчески.
Вечерта се заокружи со концерт на македонскиот состав „Пијан Славеј“.
Во текот на вчерашниот ден се одржаа и две промоции на книги, едната „Ние сме Ева“ на Оливера Андоноска, а другата промоција беше на збирката поезија „Небо трето“ на Ѓоко Здравески. Вчера, исто така, се одржа и работилница и промоција на „Еден маж и една жена, или како љубовта раздвојува светови. Интерактивна збирка поезија за креативно читање и пишување“ со Елена Пренџова.
Денеска е последниот фестивалски ден на кој учесниците ќе имаат можност да присуствуваат на литургија во манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ – Трескавец, каде што потоа ќе се одржи и поетско читање.
Во рамки на годинашниот „Поетски слем Македонија“ објавени и презентирани се две книги: Збирка поезија – „15 години Поетски Слем Македонија“ и „Избор слем поезија“ од Кевин Амсе од Белгија, во препев на Ели Пујовска. Дизајнот е на Владимир Лукаш.
Литературната манифестација „Поетски слем Македонија“ е во организација на Театарска работилница – Прилеп.