Кандидатката за градоначалничка на Град Скопје, Каја Шукова, на јавна трибина посветена на развојот и иднината на Старата скопска чаршија, истакна дека зачувувањето на културното наследство и интегрирањето на традицијата со модерниот градски живот ќе бидат еден од нејзините приоритети, соопшти СДСМ.
– Чаршијата не е само туристичка атракција таа е жив организам, место на занаетчии, култура, уметност и заедништво. Нашата цел е да ја вратиме нејзината автентичност, да ѝ дадеме нов живот преку паметно урбанистичко и економско оживување, рече Шукова.
Таа најави дека како градоначалник ќе се залага за: системска поддршка на занаетчиите и малите бизниси во чаршијата, подобрување на инфраструктурата и урбаниот амбиент, јасна стратегија за одржлив туризам и културна понуда, зачувување на автентичната архитектура и спречување на узурпации.
– Старата чаршија ќе биде место каде традицијата и современоста се спојуваат. Верувам во Скопје кое го почитува своето минато, но храбро чекори напред, додаде Шукова.
На трибината присуствуваа занаетчии, архитекти, културни работници и граѓани кои ја поздравија иницијативата за обновување на духот на чаршијата и нејзино поголемо вклучување во културниот и туристичкиот живот на градот.