Уставниот суд, во соработка со Делегацијата на Европската Унија преку проектот ИПА 3 и со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, организираше тркалезна маса на тема „Идентификација на клучните елементи за Нацрт-закон за Уставниот суд“. Целта на настанот беше да се иницира подлабока стручна расправа за потребата од нов закон со кој ќе се уреди статусот, надлежностите и изборот на уставните судии, како и да се зајакне самостојноста и независноста на Судот.
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски ја истакна неопходноста од донесување уставен закон или закон со 2/3 мнозинство, по примерот на хрватскиот модел, како гаранција за транспарентност и доверба во институцијата. Тој нагласи дека вистинската независност не доаѓа само преку норми, туку и преку уставната култура.
-Јас на оваа тема јавно се имам изјаснето, и мојот став е јасен- да, потребен е закон за Уставниот суд, но не било каков. Само со уставна интервенција и донесување 2/3 закон или уставен закон по примерот на хрватскиот модел може вистински да се обезбеди неговата независност и самостојност. Таквиот закон ќе овозможи транспарентност во работата на Судот, граѓаните ќе знаат кои се нивните уставни судии и како одлучуваат, а довербата во институцијата ќе се зајакне. Во тој контекст, ја истакнав потребата од поширока и посеопфатна дебата за исклучително значајните прашања поврзани со уредувањето на работата, статусот и изборот на судиите. Вистинската гаранција за независен Уставен суд, сепак, не лежи само во пишаните норми, туку во уставната и правната култура на едно општество, истакна Костадиновски.
Своите експертски мислења ги споделија и судиите Осман Кадриу, Татјана Васиќ-Бозаџиева и Фатмир Скендер, кои се заложија за уставни измени, воведување на уставна тужба, нови надлежности и прецизирање на критериумот „истакнат правник“.
Судијата Кадриу се осврна на потребата од уставни измени и пошироко законско уредување на прашањата што се однесуваат на Уставниот суд. Тој посочи дека постојниот уставен текст е ограничен и недоволно прецизен за опфатеноста на материјата со која Судот се занимава.
-Има две посериозни правни празнини кога зборуваме за уредување на легислативата за Уставниот суд. Прво, самиот Устав определува дека постапките ќе бидат разработени во Актот. Но прашањето е, дали Уставот треба да се отвори и пошироко, бидејќи тој содржи површни и недоречени одредби за Судот. Невозможно е во шест члена да биде опфатена целата проблематика на Уставниот суд. Мора да се прецизира делот со оценувањето на уставноста, да се утврди што значи „истакнат правник“, и да се разгледа воведување на уставна тужба со проширување на заштитата на човековите права, нагласи Кадриу.
Според судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева Уставниот суд мора да има цврста уставна основа. Таа го посочи примерот на Германија како инспиративен модел: во декември 2024 година, германскиот Бундестаг усвои историски уставни измени кои значително ја зајакнаа независноста на Федералниот уставен суд (Bundesverfassungsgericht), кој постои повеќе од 70 години, се смета за најмоќен уставен суд во Европа и ужива висок углед како автономен и непристрасен орган. Реформата доби широка политичка поддршка — од владејачките партии SPD, Зелените и FDP, како и од опозицијата CDU/CSU — демонстрирајќи консензус, демократска зрелост и посветеност кон заштита на независноста на судството.
-Oвој пример јасно покажува дека заштитата на независноста и стабилноста на уставниот суд е натпартиско прашање од суштинско значење за владеењето на правото. Уставните судови мора да останат автономни и отпорни на дневнополитички влијанија, како столб на владеењето на правото — поука која е значајна и за јакнење на Уставниот суд во Република Северна Македонија. Потребни се реформи, особено да се постави цврст основ во Уставот, по што да се разработат клучни прашања во Закон. Можеби треба да се размисли за воведување на нови надлежности, како превентивна контрола на уставноста (ex ante), која му овозможува на судот да интервенира пред донесување на закон, со што Собранието би го консултирало Судот пред донесување на закони. Судијката потсети и на предлозите од првата тркалезна маса за проширување на надлежностите на Уставниот суд на РСМ, вклучувајќи надзор врз меѓународните договори пред нивната ратификација и финален збор во врска со референдумите и изборите, кажа Бозаџиева.
Судијата Фатмир Скендер се задржа на прашањата поврзани со надлежностите и меѓусебниот однос на актите на Судот со другите закони. Тој потенцира дека е важно да се воспостави јасна правна хиерархија и да се избегнат ситуации на преклопување или контрадикторност во законската регулатива.
-По мое мислење потребно е да се направи јасна дистинкција во одредбите на Уставот кои се однесуваат на надлежностите и функционирањето на Уставниот суд. Точно треба да се знае што треба да содржи Уставот односно кои прашања ќе бидат регулирани со одредбите на Уставот, а кои со уставниот закон и Aктот на судот. Во Уставот треба да се предвиди и надлежност на Уставниот суд да може да решава судир на закони и подзаконски прописи по хоризонтала. Ова од причина што во правниот промет има два, а можеби и повеќе прописи кои на различен начин го уредуваат едно исто прашање. Со тоа се повредува начелото на правна сигурност на граѓаните кое е непосредно поврзано со уставното начело за владеењето на правото содржано во член 8 алинеа 3 од Уставот на РСМ. На овој начин ќе се воспостави хиерархиска и вертикална подреденост помеѓу Уставот, Уставниот закон и Актот на судот, истакна Скендер.
На тркалезната маса свои мислења изнесоа и претставници од академската заедница и експерти ангажирани преку проектот ИПА 3.
Проф. д-р Јетон Шасивари, од Универзитетот на Југоисточна Европа, нагласи дека квалитетната нормативна рамка е неопходна, но сама по себе не е доволна доколку не се спроведува во пракса од страна на институциите.
-И најквалитетната нормативна рамка за Уставниот суд сама по себе не е одлучувачки фактор бидејќи во секој случај главната задача во остварувањето на уставната контрола е сепак во рацете на Уставниот суд а не на законодавецот. Што се однесува до уставниот стандард: истакнат правник, политичкото толкување на овој израз значи политичка квалификација која лесно може да се трансформира во реалноста во политички подобен правник и е ирелевантно за правното толкување. Во уставно-правната теорија, правното толкување нема изградено единствен став за совршениот модел на истакнат правник бидејќи се работи за неодреден поим кој и не може да се дефинира со одредба туку може само да се објективизира со одредени фактички услови, рече Шасивари.
На настанот беше презентирана Анализа на потребата од донесување Закон за Уставниот суд, подготвена од сениор експертот ангажиран преку проектот на ЕУ, Мартин Сопронов.
Според наодите во Анализата, посебен Закон за Уставниот суд ќе ја засили јасноста, кохерентноста, легитимитетот и отчетноста на Судот. Дополнително донесувањето на Закон за Уставниот суд оди во линија на усогласување со европските практики и примери и имплементирање на препораките на Венецијанската комисија, без да се наруши автономијата на Судот во делот на автономното регулирање на постапките и начинот на работа. При евентуално донесување на посебен закон за Уставниот суд треба да бидат земени предвид: институционалниот статус и гаранциите, изборот и независноста на судиите, како и нивните примања, основните услови за поведување постапки, правните дејства на одлуките, финансиска и административна независност како еден вид на гаранции против политичките влијанија, се наведува во Анализата за идентификација на клучните елементи на Закон за Уставен суд.