За да го одбраниме нашиот континент и да ја заштитиме нашата иднина, мораме да продолжиме со итноста, доследноста и решителноста што ја покажавме и досега, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во видео обраќањето на Петтата Европска одбранбена и безбедносна конференција што се одржува денеска во Брисел.
– Сите знаеме дека одбраната на Европа е наша одговорност и можеме да го видиме чувството на итност низ цела Европа. Бруталната инвазија на Путин врз Украина е во својата четврта година. Од искуство знаеме дека тој е предатор, кој може да се држи под контрола само со силно одвраќање, истакна Фон дер Лајен.
Од тие причини, според неа, императив на ЕУ е да се обезбеди координираност, прецизност и брзина за зајакнување сопствена одбранбена положба.
Фон дер Лајен потсети дека Европската комисија пред седум месеци го предложи планот „Подготвеност 2030“ за зајакнување на воените капацитети и одбранбената индустриската база, а го промовираше и инструментот Безбедносна акција за Европа (САФЕ) вреден 150 милијарди евра, наменет за заеднички набавки на земјите членки на ЕУ за потребите на одбраната.
– Русија и останатите го засилуваат притисокот врз Европа. Граничари се напаѓани со молотови коктели, флоти во сенка ги демнат нашите мориња, а руските беспилотни летала се повеќе го нарушуваат европскиот воздушен простор. Ова ја покажува суровата реалност зошто зајакнувањето на одбранбената положба на Европа е толку клучно, додаде Фон дер Лајен.
За таа цел, Фон дер Лајен најави дека на претстојниот Самит на ЕУ следната недела, ЕК пред лидерите на земјите членки ќе презентира Патоказ за одбранбената подготвеност со јасни насоки и цели за постигнување целосна одбранбена подготвеност на Унијата до 2030 година.
Претседателката на ЕК најави дека со Патоказот земјите членки на ЕУ ќе бидат охрабрени да соработуваат во одбранбени проекти и да придонесат Европа да стане технолошки гигант во одбраната.
– За да бидеме успешни, мора да бидеме лидери во технологијата. Мора да изградиме екосистем од индустрија, технолошки старт-апи, академии и водечки компании и да создадеме поагилен, водечки светски одбранбен сектор. Нашите водечки компании мора да инвестираат повеќе во старт-апи… и мора да се погрижиме нашите цивилни и воени технолошки сектори да соработуваат поблиску, бидејќи истата технологија игра важна улога и во двата сектора, заклучи Фон дер Лајен во видео обраќањето.
Инаку, Фон дер Лајен се наоѓа на турнеја низ Западниот Балкан во чии рамки претпладнево во Тиват учествуваше на конференцијата „Паметен раст, зелена иднина: Поттикнување на инвестициите во Црна Гора“, а попладне ќе ја посети Босна и Херцеговина.
Утре попладне Фон дер Лајен ќе допатува во Скопје, откако претходно ќе престојува во Белград и Приштина.