ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result

Новини од вештачката интелигенција: сегашност, предизвици и иднина

October 18, 2025 14:43
in TECH FRONT, АНАЛИЗИ, ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА, ДЕНЕС
AI generated image

AI generated image

Share on FacebookShare on Twitter

Пишува: ВАЛЕНТИН НЕШОВСКИ

Последниве неколку години, вештачката интелигенција (ВИ) од тивка технолошка револуција прерасна во тема што ги засега сите – од обичните граѓани, преку бизнис лидерите, до државните политики. Можеби некој ќе рече дека ВИ е само уште еден тренд, дел од аналитичарите велат дека ВИ, дијалогот и возбудата околу него се преценети (overhyped) други пак алармираат дека е потценет (underhyped), но доволно е да се погледне што прават водечките компании во светот за да се види дека станува збор за темелна промена на начинот на кој живееме, работиме и размислуваме.

На пример како што забележува авторот Ендрју В. Пирсон во својот блог “AI — The Hype of All Hypes?” (август 2025), под наслов Преценета, премногу продавана и со преголеми ветувања (“Overhyped, Oversold, Overpromised… Is AI flaming out or speed bumping?”, во јавниот дискурс сè почесто се поставува прашањето дали вештачката интелигенција е навистина револуција — или само уште еден технолошки меур што ќе пукне.

За разлика од него Ерик Шмит, поранешен извршен директор на Google, и други тврдат токму спротивното. Во својот TED говор од 2025 година насловен  (ВИ револуцијата е потценета („The AI Revolution is Underhyped“), Шмит истакнува дека вистинската трансформација допрва доаѓа — дека ВИ не е преценета, туку напротив, длабоко потценета, бидејќи нејзиниот опсег на влијание ќе биде многу поширок од сегашните предвидувања.

Шмит практично е на светска турнеја и во разни настапи предупредува дека следуваат драматични промени за кои луѓето не се свесни и дека големите корпорации треба да подзапрат и дури паузират говорејќи за силни потреси од очекуваната Генерална вештачка интелигенција (ГВИ).

Токму затоа, овој текст не е само преглед на најновите достигнувања, туку и обид да се објасни што тие значат – особено за оние кои првпат се среќаваат со темата. Текстот на крајот вклучува и препораки за земјите од Балканот кои се склад и со Позицискиот документ на И-Хи Тинк-тенк.

Придобивки од ВИ – и опасности

Што може добро да ни донесе ВИ?

Придобивки од ВИ

Кога зборуваме за придобивки од ВИ, многу луѓе веднаш мислат на роботи и автоматизација — но придобивките се далеку пошироки.

  • Нов материјал и наука
    ВИ може да забрза откритија во физика, хемija, биологија — модели можат да предвидуваат молекули, материјали со нови својства, да го скратат периодот од идеја до експериментална проверка.
  • Лекови и здравство
    Генеративните модели веќе помагаат да се дизајнираат нови молекули, да се идентификуваат потенцијални лекови, и да се предвидат несакани ефекти. Тоа значи побрзо откривање, поевтини истражувања и терапии прилагодени на пациент.
  • Зголемена продуктивност
    Во деловниот свет, ВИ може да ги преземе рутинските задачи (прегледи, сортирање, анализи), да асистира при пишување на документи, да дава предлози и да ги оптимизира процесите. Така луѓето се фокусираат на креативни, стратешки работи.

Но опасностите не се помали:

  • Губење работни места

Најизложени се рутинските административни работи, вработените во центри за поддршка, белоколоничарски позиции што зависат од обработка на информации (финансиски услуги, банкарство, осигурување). Не е дека ќе исчезнат сите, но ќе се трансформираат силно.
Според проценките на McKinsey, до 2030 автоматизацијата може да “исчисти” стотици милиони работни места. sevenpillarsinstitute-org.sevenpillarsconsulting.com

  • Лажни вести, манипулации, дезинформации

ВИ моделите можат да генерираат убедлив текст, видео и аудио — што значи дека злонамерни актери можат полесно да шират лажни вести, deepfake клипови и манипулации. Тоа го загрози јавниот дискурс, медиумската доверба и стабилноста на демократијата.

  • Трансформативна моќ

Не станува збор само за технологија — станува збор за реорганизирање на системите: образование, здравство, инфраструктура. Државите што ќе ги искусат трансформациите порано може да добијат огромна конкурентска предност; оние што се остават зад може да доживеат растечки јаз.

Како ВИ ќе влијае врз економијата и работата?

Ова е прашањето што најмногу ги загрижува обичните луѓе. Ќе остане ли моето работно место? Ќе ме замени ли машината?

Според Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светска банка:

  • До 40% од работните места се изложени на ризик од автоматизација.
  • Посебно загрозени се административните работници, техничката поддршка, возачи, па дури и дел од здравствените услуги.

Но, се отвораат и нови можности:

  • Обуки за управување со ВИ системи,
  • ВИ етика,
  • Дигитална анализа,
  • Нови индустрии што денес не постојат.

Главниот предизвик ќе биде преквалификацијата – како да ги подготвиме луѓето за иднината.

Во следнава табела прикажуваме како ВИ влијае врз одредени области со споредба помеѓу традиционалните и новите ВИ работни процеси.

ОбластТрадиционален пристапВИ-пристапВреметраење и ресурсиСо ВИ
1. Медицина (структура на протеини)Години лабораториско истражување за еден протеинAlphaFold предвидува 200+ милиони структури за неколку месециГодини + висока ценаЧасови/денови + отворен пристап
2. Наука (откривање нови материјали)Децении експерименти за откривање нови материјалиОткриени 300.000 материјали, 2.000 веќе тестираниДолготрајно истражување + лабораторииМесеци + автоматизација
3. Образование (персонализирана настава)Стандарден курикулум за сите ученициАдаптивно учење според потребите на ученикотГенерализирана и често неефикаснаПодобро учење + мотивирачки ефект
4. Земјоделие (дијагноза и планирање)Посети на терен, рачна анализа на болести и жетваФотографија + анализа во реално време, дронови за следењеВисоки трошоци и човечки напорЕвтини мобилни алатки + сателитски податоци

 

Во следнава табела се прикажано проекции (споредби подготвени со помош на Chat GPT 5 на кого му дадовме да користи извори од  World Economic Forum, 2023; IMF, 2024; McKinsey Global Institute, 2023 и OECD Employment Outlook, 2023 ) за влијанието врз работната сила по сектори.

#ИндустријаРазвиени економии (%)Земји во развој (%)Најверојатни ефекти
1Администрација6540Губење на работни места, автоматизирана обработка на документи
2Производство7050Роботизирана линија на производство
3Транспорт и логистика6045Автономни возила и алгоритамска оптимизација на логистика
4Здравство4530Поддршка преку ВИ, но со задржување на човечки елемент
5Образование3520ВИ асистенти, но наставниците остануваат централни
6ИТ и технологија2515Поголема побарувачка за ВИ инженери и аналитичари
7Финансии4025Автоматизација на рутински финансиски задачи
8Медиуми5535Автоматска генерација на содржина, ризик за новинари

Најновите ВИ достигнувања по компании

Големата петорка на пазарот – Опен АИ, Гугл Дип Мајнд, Мета, антропик и Х-Аи водат беспоштедна борба за унапредување на ВИ и привлекување што поголем број корисници и компании. Во последниве 2 седмици излегоа дузина нови производи.

OpenAI

OpenAI е компанијата зад ChatGPT – веројатно најпознатиот ВИ продукт во светот денес. Но зад оваа платформа стојат многу повеќе иновации.

  • GPT-4 Turbo Agents: Личен асистент кој не само што разбира што му велите, туку и учи од вас со текот на времето, извршува задачи самостојно и комуницира со други виртуелни асистенти. Тоа се GPT-4 агенти – дигитални „работници“ што можат да ви заштедат време и енергија. Наједноставните презентирани самостојно извршени задачи – разервира и плаќа (со ваша дозвола) купување билети за опера, спортски натпревари или нарачува храна.
  • Sora 2: Предизвика огромен интерес во целиот свет. Тоа е нов генеративен модел што може да создава видео содржина од едноставен текстуален опис. На пример, ако напишете „куче трча по плажа за време на зајдисонце“, Sora 2 може да создаде реалистично видео на таа сцена. Ваков вид алатки ќе се користат во филмска продукција, маркетинг, но и едукација.

Google (DeepMind)

Google преку својата ВИ-подружница DeepMind се позиционира како лидер во научно ориентираната ВИ.

  • Gemini 1.5 Ultra: обработка на подолги текстови („long context“). Овој модел има способност да „се сеќава“ на многу подолги разговори и документи, што го прави одличен за посложени задачи поддржувајќи до ~1 милион токени– за правни анализи, научно истражување или развој на софтвер.
  • Task-Executing Agents: Google развива ВИ агенти што можат да извршуваат реални задачи, како закажување состаноци, пишување извештаи или управување со е-пошта. Замислете административен асистент кој никогаш не спие.

Meta / Llama 4

  • Најновиот модел на Meta е Llama 4 — мултимодален модел кој работи и со текст и со слики/видео.
  • Достапни верзии: Llama 4 Scout и Llama 4 Maverick — Scout може да работи на една GPU машина, со голем контекстен прозорец (~10 милиони токени) и цел да биде енергетски ефикасен.  Моделот Llama 4 Behemoth се споменува како идно проширување, но неговото објавување е одложено.
  • Meta AI апликацијата користи Llama 4 за помош во прашања, анализа, пребарувања и решавања проблеми во апликации како Instagram, WhatsApp, Messenger.

Anthropic / Claude 4

  • Anthropic го објави Claude 4 на 22 мај 2025 со два главни модели: Claude Opus 4 и Claude Sonnet 4. Opus 4 е насочен кон сложени задачи, кодирање и автономни AI агенти, со способност да работи долгорочно без губење на фокусот. Sonnet 4 е насочен кон „помали“ задачи, но со добар баланс на перформанси и ефикасност.
  • Во август 2025, беше објавена и Claude Opus 4.1, подобрување на Opus 4, особено за кодирање, агенциски задачи и прецизност.

xAI / Grok 4

  • Последниот модел на xAI е Grok 4, и тој е моментално најнапредниот кој се користи во интеграции со X (поранешен Twitter).
  • Grok 4 има проширен контекстен прозорец и е дизајниран да се користи со алатки и пребарување во реално време.

Што е ГВИ и дали е реална закана?

ГВИ значи Генерална вештачка  интелигенција – систем што може да учи и решава широк спектар на задачи, исто како и човек. За разлика од денешните ВИ модели што се специјализирани за одредени работи (на пример, превод, генерација на текст, играње шах), ГВИ би била флексибилна и самостојна.

Некои експерти, како истражувачите од OpenAI, веруваат дека ГВИ ќе се достигне во наредните 2–3 години. Други се поскептични. Но што значи тоа за светот?

Постои концепт наречен „сингуларност“ – момент кога машините ќе станат попаметни од луѓето и ќе почнат самите да се унапредуваат, со експоненцијална брзина. Тоа би можело да доведе до радикални промени, како економска нестабилност или дури и губење контрола над одлуките што ги носат тие системи, особено ако поради способностите на една таква ГВИ (да се самонадградува, самата да се шири и да има смисла за опстанок) се достигне супер вештачка интелигенција (СВИ). Илјадници пати поумна од човекот.

ВИ безбедност: зошто е важна?

ВИ безбедноста се занимава со прашањето: „Како да се осигураме дека ВИ ќе ни служи, а нема да нѐ загрози?“ Поточно се занимава со вредносната усогласеност на ВИ со потребите на човекот (Alignment)

Тоа не значи само да спречиме робот да ни наштети. Станува збор и за спречување на:

  • ширење лажни вести,
  • злоупотреба на ВИ за воени цели,
  • создавање пристрасни или манипулативни системи.

Развиени се цели научни поддисциплини што се фокусираат на „усогласеност“ (alignment) – односно како да се програмира ВИ да ги разбере и почитува човековите вредности. Сепак постојат низа истражувачи кои велат дека големите компании не посветуваат доволно внимание на усогласувањето туку се влезени во трка по ГВИ што е огромна опасност по човештвото.

Препораки за Балканските држави

Иако земјите од Балканот не се технолошки џинови, тоа не значи дека треба да останат на маргините на ВИ револуцијата. Еве неколку реални, економски одмерени чекори што можат да се преземат:

  1. Донесување национални стратегии за ВИ, кои ќе опфатат етички и правни аспекти.
  2. Воведување ВИ во образованието, не само како предмет, туку и како алатка.
  3. Поддршка на стартапи и мали фирми кои развиваат иновативни ВИ решенија.
  4. Соработка со универзитети и меѓународни институции за истражување и обука.
  5. Програми за преквалификација, особено во секторите најизложени на автоматизација.
  6. Истражување на можноста за Универзален Основен Приход (UBI) како начин да се заштитат најранливите граѓани.
  7. Кампањи за ВИ писменост, за граѓаните да знаат што е реално, а што не.

Вештачката интелигенција не е фантастика туку реалност. Не е ниту апсолутно добро, ниту апсолутно зло. Засега ВИ е алатка, а ние сме тие што одлучуваме како ќе ја користиме.

За Балканот, ова може да биде можност за скок во нова ера – но само ако се дејствува навреме, паметно и инклузивно. Ако ги оставиме ВИ трендовите да нѐ водат, ризикуваме да бидеме само корисници. Ако се подготвиме, можеме да бидеме и креатори.

Извор: И-Хи Тинк-тенк

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

Tags: Валентин Нешовскивештачка интелигенцијаВИ
Next Post
Фото: Генерирано со ВИ

Израел ги врати телата на 15 Палестинци во Газа

НАЈНОВО

Родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ денеска маршираа по 27. пат

October 18, 2025

До 20:30 часот гласале 7.935 болни или немоќни лица, а до 18:30 часот 1.400 лица кои издржуваат казна затвор или притвор

October 18, 2025

ДИК отфрли четири приговори и прифати еден за заштита на лично избирачко правo

October 18, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Јане Ѓорѓиоски.

    Некој нормален да објасни на што се должи самоувереноста на Орце и Мицкоски

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Во Битола 8 кандидати за градоначалник и 16 листи за Совет

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Викенд хороскоп со Анаис – 18 и 19 октомври

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Сомалиски пирати во Македонскиот залив!

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Новини од вештачката интелигенција: сегашност, предизвици и иднина

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk