Шаховскиот клуб Алкалоид го освои второто место на Европскиот клупски куп (ЕКК) што синоќа заврши на Родос. Во дуелот од последното седмо коло Алкалоид го победи израелскиот шампион Ришон Ле Цион со 4,5:1,5.
Цел поен за Алкалоид донесоа: Веи Ју (втора табела – црни); Александар Инѓиќ (петта табла – бели) и Абиманју Пураник (шеста табела – црни). Реми завршија партиите на: Арјун Еригаиси (прва табла – бели); Ју Јангји (трета табла – бели) и Аранид Читамбарам (четврта табла – црни).
Ова беше шеста победа на македонскиот првак. Поради квалитетот на натпреварувачите често овој куп се споредува со Лигата на шампионите. Алкалоид во 2016 година беше прв, а второто место покрај оваа година го има освоено во 2017 и 2024.
– Нималку лесна победа во последното коло против тим кој може да се нарече елитен, па по три часа игра резултатската неизвесност беше присутна. На првите четири табли не гледавме шанса за победа, но нештата се свртеа откако на петтата табла Александар Инѓиќ (2.618) со бели фигури успеа да го надигра Евгени Занан (2.504). Постепено и на шестата табла Абиманју Пураник го скрши отпорот на ИМ Ор Бронштајн (2.460), па на тој начин започна да се наѕира победата која беше вредна медал. Тимот покажа карактер по вчерашниот минимален пораз од ривалите за тронот, со што беше демонстриран борбен и победнички дух против тврдокорниот противник – коментираше ВМ Влатко Богдановски, кој е капитен на интернационалниот состав на ШК Алкалоид.
Романскиот претставник СуперЧес, предводен од светскиот првак Гукеш, иако четврти носител, на крајот како единствен непоразен тим и со само една загубена партија (и тоа во последното 7. коло) за првпат го освојува пехарот во Европскиот клупски куп со максимални 14 бодови. ШК Алкалоид на второто место има 12 бодови, колку и чешкиот Нови Бор, кој играше само со македонскиот шампион меѓу ривалите од првата петорка и го загуби тој дуел, но, сепак, на крајот стигна до шест победи и до бронзен медал.
Идната година предвидено е домаќин на Европскиот клупски куп во шах да биде Црна Гора.





