Кандидатот за градоначалник на Општина Аеродром од СДСМ, д-р Александар Трајановски, во изјава за медиумите ја претстави својата визија за поуреден, зелен и здрав град, со фокус на хуманото живеење и грижата за секојдневието на граѓаните.
„Нашата визија за Аеродром е јасна: општина што дише чисто, живее уредено и се грижи за здравјето на своите жители“, истакна Трајановски.
Тој најави дека во неговата програма е предвидена целосна реорганизација и зајакнување на комуналните и инспекциските служби, како и воведување комунална полиција со проширени овластувања која, како што нагласи, „ќе биде во служба на граѓаните, со задача да обезбеди ред, чистота и безбедност во секое маало, на секоја улица“.
Во планот е вклучено и редовно одржување на јавната хигиена, проширување на зелените површини, поставување нова урбана опрема – клупи и канти за џебен отпад на секои 150 метри. „Уреденото маало значи достоинствено секојдневие“, додаде кандидатот.
Посебен акцент, според него, ќе биде ставен на планското градење и нови спортски и рекреативни зони, достапни за сите генерации.
„Ќе воведеме планско градење согласно со принципите на хуманото живеење, со нови спортски игралишта и зони за рекреација достапни за сите генерации“, рече Трајановски.
Во делот на заштитата на животната средина, најави континуирана инспекција и мониторинг на загадувачите, како и активности за подигнување на еколошката свест.
„Субвенциите за алтернативни еколошки системи за греење ќе бидат дополнителен поттик секое домаќинство да стане дел од решението, а не од проблемот“, нагласи тој.
Во програмата е предвидена и поголема достапност на здравствените услуги, преку бесплатни амбулантни прегледи во секоја месна заедница, мобилни ортопедски тимови за возрасните и воспоставување локален здравствен совет кој ќе координира со службата за итна медицинска помош.
„Аеродром мора повторно да стане место каде што се живее чисто, безбедно и достоинствено. Ова е наша заедничка задача, да се избориме за нашите деца и за генерациите што доаѓаат“, порача Трајановски.





