Во рамките на програмата „Креативна Европа“, Европската комисија распиша конкурс за финансирање на двегодишни проекти за прекугранична новинарска соработка и медиумски плурализам во вкупна вредност од 13,8 милиони евра, за финансиска поддршка на соработката меѓу новинарите и партнерствата меѓу медиумите од различни држави.
Целта на овој проект е да се зголеми отпорноста на европскиот медиумски сектор во услови кога тој се соочува со повеќекратни предизвици, вклучително и околу финансиската одржливост на професионалното новинарство.
Дополнително, проектот имам за цел поттикнување на медиумскиот плурализам, овозможувајќи организации да дејствуваат како посредници за воспоставување и распределба на средства до локални и регионални медиуми, медиуми во заедницата, истражувачко новинарство или медиуми специјализирани за вести од јавен интерес.
Според ЕК, традиционалните медиуми се обидуваат да се справат со последиците од пренасочувањето на публиката кон онлајн извори на вести, со што ја загрозуваат работата на многу помали и независни медиумски организации.
– Ним им е потребна поддршка за да ја подобрат својата позиција, да ги прилагодат своите методи, да продолжат да обезбедуваат извори од прва рака за оригинално известување за граѓаните, да помогнат во одржувањето на одговорноста на донесувачите на одлуки и на крајот да придонесат за поразновиден и независен медиумски сектор, се наведува во соопштението.
Конкурсот за пријавување на проекти е отворени до 4 февруари 2026 година.
Право за учество во делот на новинарска соработка имаат конзорциуми на непрофитни, јавни и приватни медиуми, меѓу кои и печатени и онлајн медиуми, радија, подкасти и телевизии, како и други организации фокусирани на медиумите, вклучително и медиумски здруженија, невладини организации, новинарски фондови и организации за обука на медиумски професионалци.
Во делот на медиумски плурализам право на учество имаат медиумски здруженија, невладини, непрофитни и меѓународни организации, органи на власта, универзитети, истражувачки центри, новинарски фондови, организации за обука на медиумски професионалци, профитни субјекти и фондации со проекти за воспоставување шеми за финансирање на информативните медиуми на кои им е потребна помош. Тие може да конкурираат како одделни кандидати или како конзорциум.
– Градењето општествена отпорност, поддршката на медиумската писменост и независното новинарство е дел од пошироките напори на Комисијата да ги оспособи Европејците да донесуваат информирани одлуки и активно да учествуваат во демократските процеси, додаде Европската комисија.





