Претседателката на Косово, Вјоса Османи, му го довери мандатот за состав на нова влада на заменик-претседателот на владејачкото движење „Самоопределување“ (LVV), Глаук Коњуфца, јави весникот „Коха диторе“.
Тој е втор кандидат на „Самоопределување“ за премиер, откако на 26 октомври, актуелниот премиер и лидер на партијата, Албин Курти, не успеа да обезбеди доволна поддршка за формирање влада.
Коњуфца, кој во минатото беше претседател на косовскиот парламент, беше предложен за премиер вчера, а претседателката Османи го прифати предлогот неколку часа подоцна и официјално му го врачи мандатот.
Според Османи, за време на консултациите со политичките партии станало јасно дека ниту една друга партија, освен „Самоопределување“, не е подготвена да предложи мандатар.
Косово се наоѓа во политичка криза од парламентарните избори на 9 февруари годинава, кога ниту една партија не освои мнозинство од 61 пратеник во 120-членото Собрание. Поради тоа, повеќе месеци не можеше да се избере претседател на парламентот, што го блокираше неговото функционирање.
Дури на 26 август, по 57 неуспешни обиди, за претседател на парламентот беше избран Демаљ Баља од „Самоопределување“, а во октомври беше избран и петтиот потпретседател, од редовите на српската заедница, со што парламентот конечно беше конституиран.
Коњуфца има рок од 15 дена да ја претстави програмата и составот на новата влада. Ако парламентот не ја изгласа, земјата ќе се соочи со нови предвремени избори.





