Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши денеска остварил работна средба со претставници на Државната изборна комисија – Борис Кондарко, претседател на ДИК, Абдуш Демири, потпретседател на Комисијата и Александар Даштевски, член на Комисијата.
Од собраниската прес-служба информираат дека средбата поминала во конструктивна атмосфера и била оценета како позитивен пристап на институциите кога станува збор за прашања што се од интерес на државата, во конкретниов случај Собранието и Државната изборна комисија.
-Средбата ја организира претседателот на Собранието во функција на членот 132-а од Изборниот законик, согласно кој треба да се одржат повторени избори за градоначалници на Општините Гостивар, Врапчиште, Маврово и Ростуша и Центар Жупа. Ова од причина што условот од членот 132 став (2) од Изборниот законик – да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во изводот на Избирачкиот список, не е исполнет во овие општини. Повторувањето на изборната постапка во наведените четири општини ќе биде поизвесно по одлучувањето на Државната изборна комисија по поднесените приговори, што може да влијае на објавувањето на конечноста на резултатите од Локалните избори 2025, посочуваат од Собрание.
На крајот на средбата, присутните искажале заемна благодарност за одржаната средба и продолжување на меѓусебната соработка за прашања што се од важност како за двете институции, така и за државата во целина.





