Иако гледачите можеа да го видат и во неколку помали улоги претходно, египетско-американскиот актер Рами Малек стекна светска слава, пред сѐ, со улогата на Фреди Меркјури во биографската драма „Боемска рапсодија“ (2018), којашто му донесе и „Оскар“ за најдобар глумец.
Холивуд потоа широко му ги отвори вратите, па за кусо време следеше и улогата на негативец во последниот „Џејмс Бонд“ филм – „Нема време за умирање“ од 2021 година, каде што неговиот лик на злобниот научник Луцифер Сафин успеа да го убие „007“… Да се биде дел од серијалот „Џејмс Бонд“, за Малек е извонредна чест, вели, а глумењето негативец за него е посебна привилегија. Сепак, пред да ја прифати улогата, тој поставил еден јасен морален услов за продуцентите.
– Не смееме да го поврзуваме ликот со никаков терористички чин што одразува идеологија или религија, изјави Малек за „Дејли мирор“ (Daily Mirror). – „Тоа е нешто што не би го прифатил, па ако тоа е Ваш избор, може да ме отстраните од проектот“. Но, тоа очигледно не беше ниту нивна замисла. Значи, тој лик е многу различен тип терорист. Чувствувам голема одговорност на моите рамена. Мислам, Бонд е нешто со коешто сите пораснавме, додаде Малек.
Со оглед на тоа колкаво влијание има тој серијал врз публиката ширум целиот свет, загриженоста на Малек, се чини целосно оправдана. Самите филмови имаат долга историја на портрети на неанглиски и ликови од други раси – претставени како стереотипни непријатели на Западот.
„Живеј и остави да умрат“ (1973), на пр., содржеше застарени погледи на Афроамериканците и луѓето со карипско потекло. „Октопуси“ (1973) слично ја прикажа Индија.
Како син на египетски имигранти роден во САД, и самиот Малек се соочувал со расно профилирање, па затоа беше природно да го искористи своето влијание за да ја прекине таа низа. Но, и покрај неговите добри намери, ликот на Луцифер, според многумина, не ги исполни очекувањата, пишува порталот „Н-1“. Иако не беше прикажан преку тие негативни стереотипи, неговиот лик остана плиток и – сведен на класично „зло заради злото“, како „клише“ и без јасен мотив. Во современата, емоционално посложена ера на „Бонд“, се вели, тоа, едноставно, не е доволно.
Сепак, обидот на Малек да го искористи својот глас за поетички и поморален приказ на главниот негативен лик укажува дека глумците може да бидат длабоко свесни за својата општествена одговорност.





