Ново истражување на Гринпис, спроведено во Хрватска и Унгарија, покажува дека готвењето на плин драматично ги зголемува концентрациите на штетни материи како азотен диоксид (NO₂) и бензен во затворени простори. Преминувањето на електрични шпорети пак доведува до нагло и значително намалување на овие загадувачи, соопшти организацијата.
Истражувањето е спроведено од Научниот оддел на Гринпис, со мерења направени во 12 домаќинства – девет во Хрватска и три во Унгарија.
Плинските шпорети ги зголемуваат NO₂ и бензенот над повеќе здравствени лимити
Според податоците, согорувањето на фосилен плин, кој главно се состои од метан, ослободува NO₂, CO₂ и различни испарливи органски соединенија.
NO₂ е познат по тоа што ги влошува респираторните проблеми и може да предизвика или засили напади на астма, особено кај деца.
Бензенот, класифициран од Меѓународната агенција за истражување на рак како канцероген без безбедно ниво на изложеност, е пронајден во сите домаќинства за време на готвењето на плин.
Највисоки концентрации биле измерени во мали, пренатрупани станови и во домови со деца и постари лица, каде загадувачите се задржуваат подолго и достигнуваат повисоки нивоа.
По премин на електрични шпорети – пад на загадувањето, на места до нула
По замената на плинските шпорети со електрични: во три домаќинства бензенот целосно исчезнал, во останатите е забележано значително намалување, NO₂ бил намален на ниво многу пониско од вредностите измерени при користење плин.
Гринпис дополнува дека резултатите важат само за природниот (земен) плин од мрежата, а не за пропан-бутан од боци.
Препораки од Гринпис CEE Хрватска
Врз основа на резултатите, организацијата повикува на: државни субвенции за замена на плински шпорети со електрични, забрана за вградување плински уреди во новоградба, воведување стандардизирани правила и надзор за квалитетот на воздух во затворени простори, забрзување на електрификацијата на домаќинствата со цел намалување на зависноста од фосилен плин.
Извор: Index.hr

