Пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Никогаш немам проблем кога некои возачи застануваат на главна сообраќајница, булевар или слично – пред аптека. Или пред болница, амбуланта и слично. Не ми е проблем кога ги оставаат колите на најнесоодветни места, кога се работи за здравје. Или за деца – пред градинка или училиште. Не свирам, не се ни нервирам, колку и да брзам.
Зошто? Па, оние кои застануваат пред аптека, пред амбуланта, болница, училиште, градинка, обично многу брзо ги напуштаат тие места. Застануваат колку да завршат работа, и потоа брзо го ослободуваат патот.
Но! Најчесто улиците ги блокираат луѓе кои одат – во кафана, кафич, клуб! Или во кладилница, казино! Или, едноставно да купат нешто во омилената пекара или сендвичара.
Е, тоа нервира, стварно. Тоа е простачки, грубо, тотално неградски. Тоа е однесување на пештерски луѓе. И – се разбира – оваа нималку нежна белешка нема да помогне тие да станат подобри, попристојни и поградски. Но ако сите заедно почнеме да бараме одговорност – можеби нешто и ќе се промени.
Сподели ја оваа белешка и продолжи ја дискусијата.
Специјално за ГРАДСКА. Текстот е личен став на Авторот.
Преземено: Градска.мк











































































































