Целокупното раководство и сите членови на Извршниот одбор на СДСМ поднесоа оставки на денешната седница на Извршниот одбор, на предлог на претседателот на партијата, д-р Венко Филипче.
„На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот д-р Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки“, се наведува во соопштението од СДСМ.
Оставките се доставени до Централниот одбор и до самиот претседател, кој, како што се наведува, го води процесот на внатрешни реформи во партијата.
„Со овој одговорен и морален чекор отвораме простор за ново поглавје во СДСМ“, соопштија од партијата, посочувајќи дека станува збор за свесна одлука со која се создава основа за кадровско освежување и организациско јакнење.
Според најавите, во наредниот период ќе следува процес на внатрешна мобилизација, вклучување на нови лица и редефинирање на организациската поставеност, со цел, како што велат од СДСМ, партијата да добие „нова сила и нова енергија“.
На една од следните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор на нови членови за партиските органи, при што, според партијата, за функциите ќе се бираат „најкомпетентни личности“.
„СДСМ влегува во процес на обновување со јасна цел – нова енергија и посилна партија“, се вели во пораката од Бихаќка.












































































































