Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави конкретни мерки за уредување на работењето на угостителските објекти и подобрување на урбаниот ред во градот, по одржана средба со претставници на угостителскиот сектор.
Ѓорѓиевски соопшти дека е постигнат договор секој угостителски објект да обезбеди сопствени контејнери за отпад, како и да добие посебен тарифник со јасно утврдени правила и термини за собирање на отпад, кои ќе важат исклучиво за правните субјекти. Според него, мерката има цел да се стави крај на нередот и да се воспостави поодговорно и поуредено функционирање во јавниот простор.
„Ако сакаме Скопје да биде чист, уреден и функционален град, мора да поставиме јасни правила и да работиме заедно“, порача градоначалникот, посочувајќи дека ваквиот пристап е неопходен за долгорочно подобрување на урбаниот амбиент.
На средбата било договорено и назначување на посебен советник задолжен за секојдневна комуникација меѓу угостителите и кабинетот на градоначалникот. За таа улога е избран Драган Арсовски, по предлог и согласност на сите чинители во секторот. Ѓорѓиевски истакна дека Арсовски ќе биде директна врска за решавање на проблемите на терен и за подобрување на условите за работа.
Дополнително, договорено е до 15 јануари угостителите да ги достават елаборатите за користење на урбаната опрема која во претходните години не била наплаќана, со цел да се воспостави јасен и праведен ред во оваа област.
„Го враќаме ноќниот живот во Скопје, но истовремено го враќаме и редот. Ова е заедничка обврска кон граѓаните“, нагласи градоначалникот, додавајќи дека градот заслужува современ урбан живот, култура и силна економија, што е возможно само преку партнерство со угостителскиот сектор.






































































































