Долгометражниот филм „Shame and Money“ на косовскиот режисер Висар Морина е избран во Официјалната селекција на Sundance Film Festival 2026, во престижната категорија World Dramatic Competition. Светската премиера е закажана за 25 јануари 2026 година.
Филмот претставува меѓународна ко-продукција што ги обединува филмските индустрии на Германија, Косово, Словенија, Македонија и Албанија, при што македонскиот дел е реализиран преку продукциската куќа List Production.
Сценариото е напишано од Висар Морина, кој е и режисер, а ко-сценаристи се Дорунтина Башa и Марија Димитрова, која воедно е и продуцент од македонска страна.
Проектот е поддржан од повеќе национални и европски институции и фондови: Комесаријатот за култура и медиуми на Германија, Косовскиот кинематографски центар, Eurimages – Совет на Европа, Германскиот федерален филмски фонд, Film- und Medienstiftung NRW, Словенечкиот филмски центар, Националниот центар за кинематографија на Албанија, како и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија. Дополнително, продукцијата користи средства преку белгискиот Tax Shelter програм.
Sundance Film Festival 2026 ќе се одржи од 22 јануари до 1 февруари во Парк Сити и Солт Лејк Сити, САД.
Од Агенцијата за филм велат дека е особено значајно што Македонија и оваа година е дел од еден од најважните светски филмски фестивали, што ја потврдува нејзината конзистентна улога во регионалната и европската филмска мрежа.







