Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова, преку објава на социјалните мрежи остро реагираше на измените и дополнувањата на Кривичниот закон, оценувајќи дека наместо ветената темелна реформа, јавноста добила, како што наведува, враќање на старите проблеми и механизми за неказнивост.
„Па нели се ветуваше целосно нов Кривичен закон? Ова можеше да се направи уште лани, во септември. Што беше пречка?“, прашува Зајкова во објавата.
Според неа, изминатиот период бил потрошен на, како што вели, замајување на јавноста со оправдувањето дека се чека нов закон, додека кривичните дела застарувале.
„Една и пол година замајување на јавноста со изговорот ‘чекаме нов закон’. Кому му одговараше статус кво состојбата додека кривичните дела си застаруваа едно по едно?“, наведува Зајкова.
Таа оценува дека предложените решенија не носат суштински промени.
„И што добиваме? Слични одредби, исти проблеми. Застарувањето повторно ќе биде алиби за неказнивост“, пишува претседателката на ЛДП.
Зајкова предупредува и на можноста од политички прогон, особено во услови кога, како што наведува, обвинителството и судството функционираат под политичко влијание.
„Широки описи на квалификацијата на делата, можности за политички прогон – особено кога обвинителството и судството функционираат по принцип ‘разреши’ и замени со свои луѓе“, истакнува таа.
Во објавата, таа остро ја критикува и најавата за зголемување на роковите за застареност.
„Зголемување на роковите за застареност – или престанете да ја навредувате интелигенцијата на граѓаните. Со овие одредби, делата повторно ќе застаруваат“, наведува Зајкова.
Претседателката на ЛДП ги повикува граѓаните да го поддржат предлогот на партијата, со кој, како што вели, кривичните дела што директно го оштетуваат државниот буџет не би застарувале лесно.
„Ги повикувам граѓаните кои се согласуваат со предлогот на ЛДП – кривичните дела со кои директно се оштетува државниот буџет да не застаруваат лесно – да нè поддржат. Ова не е партиско прашање, туку прашање на правда“, порачува Зајкова.
Во постскриптумот од објавата, таа се осврнува и на можните реакции од јавноста, нагласувајќи дека никогаш не била министер и дека како пратеничка не го поддржала законот.
„Не сум била никогаш министер, а како пратеничка не го гласав“, наведува Зајкова.
До Собранието денеска е доставен Предлог-законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик, со цел, како што наведуваат предлагачите, „усогласување со Решението на Уставниот суд од 12 февруари 2025 година кој утврди дека измените од 2023 година довеле до намалување на казните за злосторничко здружување и злоупотреба на службената положба, како и отстранување на слабостите во постојните одредби“. Предлогот го потпишаа девет пратеници, меѓу кои Бојан Стојаноски, Бране Петрушевски, Дафина Стојаноска и други.







