Новообјавени документи од Министерството за правда на САД (DOJ) откриваат дека федералните обвинители уште во 2020 година дознале оти поранешниот американски претседател Доналд Трамп летал со приватниот авион на Џефри Епштајн почесто отколку што било претходно познато, пишува Axios.
Информацијата се наоѓа во околу 30.000 страници нови материјали, објавени откако Министерството беше жестоко критикувано за претходна, делумна објава со обемни и необјаснети редакции на материјалите. Над десет преживеани жртви на Епштајн јавно го осудија тој пристап, оценувајќи дека документите биле „невообичаено и екстремно редактирани“.
Од Министерството за правда соопштија дека следуваат уште објави, но предупредија дека се работи за стотици илјади страници кои мораат законски да се прегледаат – процес што го опишаа како „исцрпувачки“.
Летовите на Трамп
Во електронска пошта од 2020 година, федерален обвинител наведува дека Трамп бил евидентиран како патник на авионот на Епштајн најмалку осум пати меѓу 1993 и 1996 година.
Во еден од летовите, според документот, единствените патници биле Трамп, Епштајн и 20-годишна личност чие име е редигирано. Во други летови, Трамп патувал заедно со тогашната сопруга Марла Мејплс и нивните деца Тифани и Ерик. Во два други случаи, како сопатници биле наведени жени кои, според обвинителот, „би можеле да бидат потенцијални сведоци“ во случајот против Гислејн Максвел.
Важно е да се нагласи дека Трамп не е обвинет за никакво кривично дело во врска со случајот Епштајн.
Белата куќа одби да коментира за наодите кога беше контактирана од медиумите.
Што вели Министерството за правда
Во објава на X, Министерството за правда соопшти дека дел од документите содржат „невистинити и сензационалистички тврдења“ против Трамп, кои биле доставени до ФБИ непосредно пред изборите во 2020 година.
„Фактот што документ е објавен од Министерството за правда не значи дека неговата содржина е фактички точна“, наведоа од ДОЈ, додавајќи дека сепак ќе продолжат да го објавуваат целиот материјал што законот го бара.
Лажно писмо и други имиња
Меѓу објавените документи се појави и писмо потпишано со „J. Epstein“, адресирано до осудениот сексуален злосторник Лери Насар. Во него се спомнува и „нашиот претседател“, со експлицитни и вулгарни формулации.
ФБИ, меѓутоа, утврдило дека писмото е фалсификат – испратено од Вирџинија три дена по смртта на Епштајн, со погрешна повратна адреса и без задолжителниот затворски идентификациски број. Побарана била и анализа на ракописот, но во документите не е наведено дали таа е спроведена и каков бил исходот.
Материјалите вклучуваат и преписки поврзани со поранешниот принц Ендру (Ендру Маунтбатен-Виндзор), како и информации за текстуални пораки меѓу Стив Бенон и Епштајн. Во 2021 година, федерален обвинител навел дека постоеле „голем број пораки“ меѓу двајцата на телефонот на Бенон.
Објавувањето на документите е обврска според Законот за транспарентност за случајот Епштајн, усвоен од Конгресот со речиси едногласна поддршка. Претходната објава вклучуваше и транскрипти од интервјуа со Гислејн Максвел, дневници и фотографии од луѓе кои биле во контакт со Епштајн, меѓу кои и поранешниот претседател Бил Клинтон.
На настан во понеделникот, Трамп изјави дека му е „жал“ што се објавуваат фотографии од Клинтон, додавајќи дека „многумина биле пријателски настроени“ со Епштајн во тој период. Од таборот на Клинтон, пак, повикаа да се објават сите преостанати документи што се однесуваат на поранешниот претседател.
Редакција Фронтлајн







