Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман, смета дека следниот клучен чекор на патот кон надчовечка вештачка интелигенција нема да биде поврзан со разбирањето или расудувањето, туку со нешто многу пофундаментално – меморијата.
Говорејќи во Big Technology Podcast, Алтман изјави дека вистинскиот пресврт ќе се случи кога AI системите ќе добијат, како што тој го опишува, „бесконечно и совршено паметење“. Според него, OpenAI веќе работи на тоа вештачката интелигенција уште во 2026 година да биде способна да го памети „секој детал од целиот живот на корисникот“.
„Денешните, па дури и најдобрите дигитални асистенти, го немаат тоа“, вели Алтман. Тие не можат да ја запомнат секоја реченица што некој ја изговорил, секој документ што го напишал, секоја работа на која работел со години, ниту пак да ги поврзат сите тие информации во кохерентна целина.
Тој посочува дека ниеден човек нема совршено паметење, додека вештачката интелигенција, барем теоретски, може да го постигне токму тоа – континуирано, прецизно и без губење на информации.
Меморијата – слаба точка на денешната AI
Според Алтман, меморијата во моментов претставува една од најслабите точки на AI системите. Таа е груба, ограничена и сè уште во рана фаза на развој, но токму затоа во OpenAI интензивно се размислува и се дискутира како таа да се унапреди.
Идејата за AI што ќе памети сè – од лични навики и преференции, до цели професионални и креативни траектории – отвора и нови прашања, од приватност и безбедност, до начинот на кој луѓето ќе ја користат технологијата во секојдневниот живот.
Во сенка на конкуренцијата од Google
Изјавите на Алтман доаѓаат само неколку недели откако во јавноста се појавија информации дека во OpenAI било прогласено внатрешно „црвено алармно ниво“ по лансирањето на новиот модел Gemini 3 од Google.
Google во ноември го претстави Gemini 3 како почеток на „нова ера на интелигенција“, наведувајќи дека моделот постигнал рекордни резултати на низа индустриски тестови и бенчмаркови.
Сепак, Алтман ја релативизираше сериозноста на заканата што Gemini 3 ја претставува за OpenAI. Според него, брзата реакција и зголемената претпазливост се нормални кога се појавува нов и силен конкурент.
„Здрава доза на параноја и брзо дејствување се добри работи во ваква индустрија“, вели Алтман, потсетувајќи дека слични ситуации имало и порано – вклучително и оваа година, со појавата на моделот DeepSeek.
Иако Gemini 3 засега не го предизвикал ефектот од кој OpenAI најмногу стравувал, Алтман признава дека конкуренцијата укажала на одредени слабости во нивната понуда и стратегија.
„На тие недостатоци веќе се работи и проблемите се решаваат многу брзо“, заклучува тој.











































































































