Најновиот масовен руски напад за време на празничниот период покажува дека Москва нема намера да ја заврши војната, туку сака да ѝ нанесе уште поголема болка на Украина, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски утрото на 27 декември, пренесува Кијив Индипендент.
Според украинските власти, Русија во ноќта меѓу 26 и 27 декември лансирала речиси 500 дронови и околу 40 ракети, при што главни цели биле енергетската инфраструктура и цивилни објекти во Кијив и пошироко. Во нападите биле повредени десетици лица, а најмалку едно лице го загубило животот.
Нападот следува во момент кога Зеленски треба да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп во Флорида на 28 декември, во рамки на интензивираниот дипломатски напор за мировни разговори што трае изминатите два месеца.
„Каде е рускиот одговор на предлозите за завршување на војната, кои ги дадоа Соединетите Држави и светот?“ порача Зеленски во објава на својот Телеграм-канал.
Тој оцени дека и покрај долгите дипломатски разговори, вистинската порака од Москва ја испраќаат ракетите „Кинжал“ и дроновите „Шахед“.
„Тоа е вистинскиот однос на Владимир Путин и неговото опкружување. Тие не сакаат крај на војната“, истакна украинскиот претседател.
Од ноември наваму, Кијив и Москва водат одделни разговори со американски претставници за можен мировен договор. Сепак, договор сè уште не е постигнат поради, како што се наведува, чувствителни прашања како територијалните спорови и статусот на руската окупирана нуклеарна централа Запорожје.
Зеленски најави дека токму овие теми ќе бидат дел од разговорите со Трамп во неговата резиденција Мар-а-Лаго, каде што ќе презентира нов мировен предлог од 20 точки. Планот е ревидирана верзија на претходен документ од 28 точки, подготвен во ноември од американските преговарачи Стив Виткоф и Џаред Кушнер.
Украинскиот претседател изјави дека планот е „90 проценти завршен“, но обвини дека Москва постојано бара причини да го отфрли. Кремљ потврди дека го добил ревидираниот предлог и на 25 декември соопшти дека мировните разговори бележат „бавен, но стабилен напредок“, иако веднаш потоа следуваа масовни напади врз украински цивилни цели за време на божиќните празници.
„Ако Русија ги претвора дури и Божиќ и Новата година во период на уништени домови, изгорени станови и разрушени електрани, тогаш на оваа болна реалност може да се одговори само со навистина силни чекори“, порача Зеленски.
Тој нагласи дека дипломатијата не може да функционира без безбедносни гаранции и дека токму тоа ќе биде клучна тема во разговорите со Трамп.
Ј. Ѓ.







