Лас Вегас на 28 декември беше домаќин на спектакуларен дрон-настан во кој учествуваа дури 5.000 дронови, што според организаторите претставува најголем јавно изведен дрон-шоу во Соединетите Американски Држави. Светлосниот спектакл беше организиран како најава за финалната сезона на популарната Netflix серија „Stranger Things“.
Настанот го реализираше компанијата Sky Elements, позната по големи синхронизирани дрон-перформанси, а небото над Лас Вегас се претвори во динамична проекција со иконски мотиви од серијата – велосипедите на децата од Хокинс, вафлите на Елевен, мистични симболи и препознатливи визуелни елементи од „Upside Down“.
Во проектот учествуваа и креативните тимови на VT Pro Design, продукцијата на Stranger Things, како и Netflix, кои заеднички стојат зад реализацијата на овој високотехнолошки настан. Организаторите посочуваат дека станува збор за технички исклучително сложен перформанс, со прецизна кореографија и компјутерска синхронизација во реално време.
Дрон-шоуто предизвика огромно внимание на социјалните мрежи, каде видеата од настанот за кратко време станаа вирални, дополнително зголемувајќи ја возбудата околу претстојното финале.
Финалната епизода на „Stranger Things 5“ ќе биде достапна за гледачите во Македонија на 1 јануари, точно во 2:00 часот наутро, со што симболично ќе го означи почетокот на новата година и крајот на една од највлијателните серии на современата телевизија. Netflix традиционално ги објавува своите премиери глобално во ист момент, а ова ноќно финале се очекува да донесе емотивно затворање на приказната за Хокинс, Upside Down и ликовите што со години ја држеа публиката прикована пред екраните.
Редакција Фронтлајн







