Режисерката Тамара Котевска на премиерата на документарниот филм „Приказната за Силјан“ во Скопје истакна дека настанот пред домашната публика за неа претставува „најголема гордост“, нагласувајќи дека филмот е создаден пред сè за македонската публика, без очекување дека ќе стигне толку далеку.
„Не можам да ја опишам возбудата што ја чувствуваме сите тука вечерва. Без разлика каде сум била, не постои чувство што може да го замени овој настан, пред домашната публика“, рече Котевска, додавајќи дека филмот настанал спонтано, без амбиција за меѓународен успех, но со јасна намера да допре до луѓето во Македонија.
Таа најави дека „Приказната за Силјан“ ќе има проекции низ целата земја, со посебен фокус на помалите градови и средини. Според неа, луѓето надвор од големите културни центри заслужуваат еднаква можност да гледаат филмови и да бидат дел од културниот живот.
Котевска нагласи дека приказните за луѓето како главниот лик Никола и неговото семејство ѝ ја даваат смислата на нејзината работа. Таа посочи дека токму поскриените и запоставени места во Македонија ја носат суштината на културата и идентитетот, и дека тие приказни ги „држат корените“ на општеството.
Режисерката изрази особена благодарност до филмската екипа, која, како што рече, се борела од почеток до крај, голем дел од времето без финансиска поддршка. „Вакви луѓе навистина заслужуваат буквално сè“, истакна таа.
Во говорот беше упатен и поздрав до кинематографот Жан Дакар, кој во моментот се наоѓа во САД на доделувањето на Cinema Eye Honors, каде што Котевска не можела да присуствува поради премиерата во Скопје.
Говорот го заврши со силна и симболична порака: „Посакувам некои работи кои што ги видовте во филмот да се сменат засекогаш, но исто така посакувам некои други да не се сменат никогаш“.
Ј. Ѓ.









