Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, денеска остро ја критикуваше владината политика за воена помош на Украина и набавката на странско вооружување, обвинувајќи ја владата дека истовремено ја опструира изградбата на хрватските патролни бродови.
Говорејќи во Чаковец, Милановиќ изјави дека владата се пофалила оти ѝ „испорачала“ на Украина 15 милиони евра, сума која, според него, „не е доволна ниту за греење на една касарна за еден месец“, пренесува Index.hr.
Од друга страна, како што рече, владата одбива да обезбеди 12 милиони евра за да се доврши изградбата на пет патролни бродови во бродоградилиштето Бродосплит.
Милановиќ иронично оцени дека „15 милиони евра се побезбедни во Украина отколку во рацете на ХДЗ“, додавајќи дека тој износ за Хрватска е значаен и симболично и конкретно. Според него, од проектот со патролните бродови „нема да има ништо“, бидејќи, како што тврди, премиерот Андреј Пленковиќ се откажал од него.
Во продолжение, претседателот остро ја критикуваше и набавката на странско вооружување.
„Французите ни подметнаа користени авиони, а на Србија ѝ продадоа нови“, изјави Милановиќ, алудирајќи на купувањето на француските борбени авиони Dassault Rafale, поради што, според него, Хрватска сега мора дополнително да купува нова опрема. „Тоа ли е сојузништво, тоа ли е партнерство? Тоа не се прави“, рече тој.
Критикувајќи ја и набавката на германските тенкови Леопард, Милановиќ посочи дека Литванија успеала да обезбеди производство на делови за тие тенкови, додека Хрватска, и покрај сопствената индустриска традиција во оваа област, не добила ништо.







