Американскиот претседател Доналд Трамп на својата социјална мрежа објави фотографија на која зад него е прикажана карта со Канада и Гренланд обоени во боите на американското знаме, потег што предизвика бурни реакции поради симболиката и политичката порака што ја испраќа.
Иако во објавата нема официјално објаснување, визуелната интерпретација е јасна – демонстрација на моќ и геополитичка амбиција, која се вклопува во реториката на Трамп за користење на трговијата, безбедноста и симболиката како алатки за наметнување политичка волја. Обојувањето на Канада и Гренланд, две територии кои не се дел од САД, се чита како провокативен сигнал кон сојузниците и меѓународната заедница.
Објавата доаѓа во чувствителен момент, кога Трамп јавно се заканува со воведување нови царини кон Европската унија и паралелно дава контроверзни изјави поврзани со Гренланд, што дополнително ја засилува перцепцијата за системски притисок врз партнерските држави – и преку економски мерки и преку симболични пораки.
Администрацијата на Трамп со тоа ја втурна трансатлантската релација во нова фаза на дипломатска и економска напнатост. Американскиот претседател најави дека од 1 февруари ќе воведе царини од 10 % за увоз од осум европски земји, меѓу кои Данска, Германија, Франција и Обединетото Кралство, со образложение дека тие се спротивставиле на неговиот притисок околу Гренланд. Во исто време, Трамп се закани дека царините може да се зголемат и до 25 %, доколку не биде постигнат договор за, како што самиот изјави, „купување“ на островот.
Комбинацијата од економски закани и провокативна визуелна симболика ја заострува загриженоста во Европа дека Вашингтон под водство на Трамп ја користи економската моќ како средство за политичка уцена – пракса која сè почесто се судира со меѓународните правила и сојузничките односи.
Прочитајте и…
Што е „економската базука“ на ЕУ и каде може најсилно да удри како одговор на царините на Трамп







