Северна Македонија е рангирана на 112 место во светот, a 9-та според воената моќ во регионот на Балканот за 2025 година, покажуваат податоците од Global Firepower Index, едно од најкористените меѓународни рангирања за воена сила.
Според индексот на воена моќ (PowerIndex – PwrIndx), земјата има вредност од 2.4042, со што се наоѓа пред Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово, но зад сите други балкански држави опфатени со анализата.
Најмоќна воена сила во регионот е Турција, со индекс 0.1902, по што следуваат Грција, Романија, Бугарија, Србија, Хрватска, Албанија и Словенија.
Под Северна Македонија, на дното од листата, се Црна Гора, Босна и Херцеговина со индекс 3.0799 и Косово со индекс 4.9141.
Фактот дека индексот е обратен значи дека пониската бројка укажува на поголема воена моќ, додека повисоките вредности означуваат послаби капацитети.
Позицијата на Северна Македонија укажува на ограничени воени капацитети во споредба со поголемиот дел од регионот, и покрај членството во НАТО. Анализата покажува дека земјата има значително понеповолен индекс од соседите како Србија, Бугарија, Грција и Албанија, кои располагаат со поголеми армии, повеќе опрема и подлабоки логистички и индустриски капацитети.
Како се мери воената моќ
Global Firepower Index за 2025 година ја анализира воената сила на 145 земји, користејќи повеќе од 60 различни критериуми. Рангирањето не се темели исклучиво на бројот на војници или на висината на одбранбениот буџет, туку на сеопфатната способност на една држава да проектира, одржува и користи воена моќ.
Во анализата се вклучени фактори како бројот на активно и резервно воено персонал, разновидноста и количината на воена опрема – тенкови, борбени авиони и воени бродови – логистичките и индустриските капацитети, инфраструктурата, како и географските и стратешките предности или ограничувања.
Иако одбранбениот буџет не е единствениот критериум, државите со поголеми финансиски вложувања најчесто располагаат со понапредни системи, подобра модернизација и повисоко ниво на борбена подготвеност.
Анализа на водечките воени сили во светот
Во глобалната ранг-листа за 2025 година, на врвот се Соединетите Американски Држави, Русија и Кина, по што следуваат Индија, Јужна Кореја, Обединетото Кралство, Франција, Јапонија, Турција и Италија.
Соединетите Американски Држави ја задржуваат позицијата на водечка глобална воена сила, со најголем одбранбен буџет во светот, кој го надминува збирот на буџетите на неколку други водечки држави. Американската армија располага со 11 носачи на авиони со нуклеарен погон, широка мрежа на прекуокеански бази и најмоќни воздухопловни сили на глобално ниво.
Технолошката предност на САД се огледа во „stealth“ летала, прецизно наведувано оружје, системи за вселенски надзор, единици за сајбер-војување и напредни противракетни одбранбени системи. Дополнителна сила претставуваат развиената домашна одбранбена индустрија и глобалната мрежа на сојузништва, особено преку НАТО.
Воената моќ на Русија се темели на масивни копнени сили, големи артилериски резерви и силни стратешки ракетни капацитети. Земјата располага со една од најголемите тенковски флоти во светот и напредна противвоздушна одбрана со современи ракети земја–воздух. И покрај економските ограничувања, Русија задржува значаен воено-индустриски капацитет и акумулирано оперативно искуство.
Кина во последните две децении помина низ обемна модернизација. Денес ја има најголемата постојана армија во светот и најголемата воена морнарица според бројот на пловила, со значителни инвестиции во ракетна технологија, сајбер-капацитети, вселенски програми и системи засновани на вештачка интелигенција.
На четвртото место се наоѓа Индија, чија воена моќ се потпира на една од најголемите бази на воен персонал во светот и брзорастечки сектор на одбранбената индустрија. Јужна Кореја е петта, благодарение на напредните копнени, поморски и воздухопловни капацитети и силните резервни сили.
Подалеку на листата, но сепак релевантни во глобалниот безбедносен контекст, се Израел на 15. место, Иран на 16. место и Украина на 20. позиција.
Ј. Ѓ.









