Руски, украински и американски преговарачи се состанаа во Абу Даби, каде што се одржаа првите трилатерални разговори од почетокот на руската агресија врз Украина во февруари 2022 година.
Средбата се оценува како клучен момент за Украина и како можност да се утврди дали Москва навистина е подготвена за мировен процес или, пак, разговорите ги користи за добивање време. Разговорите следуваат по неодамнешната средба на рускиот претседател Владимир Путин со пратениците на американскиот претседател Доналд Трамп во Москва, која Кремљ ја опиша како „корисна“, но и „многу отворена“.
Во меѓувреме, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека работата на решавање на конфликтот во Украина напредува и дека е важно да се спроведе таканаречената „Формула од Анкореџ“.
„Работата е во тек. И дојде до напредок. Многу е важно да се спроведе формулата што беше договорена во Анкореџ“, изјави Песков за агенцијата ТАСС, коментирајќи ја изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп дека страните постепено се приближуваат до мировен договор.
Таканаречената „Формула од Анкореџ“ не е официјално објавен или детално разработен документ, туку работна рамка која, според руски и американски извори, се појавила по затворените разговори во Анкореџ, Алјаска, меѓу претставници на САД и Русија.
Неименуван извор близок до Кремљ изјави за Ројтерс дека Москва ја толкува „Формулата од Анкореџ“ на следниов начин: Русија да воспостави контрола врз целиот регион Донбас, како и замрзнување на актуелните линии на фронтот во другите делови на источна и јужна Украина.
Украински министер за одбрана: Разговаравме за параметрите за завршување на војната
Во Абу Даби се одржа трилатерална средба на украинската, американската и руската делегација, на која се разговарало за параметрите за завршување на војната и за идниот преговарачки процес, соопшти украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров на социјалната мрежа Икс.
In Abu Dhabi, together with Kyrylo Budanov, @arakhamia_david , and @SergiyKyslytsya, we took part in a trilateral meeting involving the Ukrainian, American, and Russian sides. We appreciate the U.S. mediation.
On the U.S. side, the consultations included Special Envoy…
— Rustem Umerov (@rustem_umerov) January 23, 2026
Покрај Умеров, украинската делегација ја сочинувале Кирило Буданов, Давид Арахамија и Сергиј Кислицја.
Во име на Соединетите Американски Држави на консултациите присуствувале специјалниот пратеник Стив Виткоф, Џаред Кушнер, Џош Груенбаум, како и генералите Даниел Дрискол и Алексус Гринкевич.
Руската делегација била составена од претставници на воената разузнавачка служба и вооружените сили.
Централна тема на средбата биле параметрите за завршување на војната, како и понатамошната логика на преговарачкиот процес, со цел постигнување достоинствен и траен мир.
Дополнителни средби се закажани за денеска, кога на украинскиот тим ќе му се придружат началникот на Генералштабот, генерал Андриј Гнатов, и заменик-началникот на Одбранбената разузнавачка служба на Украина, генерал-полковник Вадим Скибицки.
Умеров истакна дека по секоја фаза од преговорите се поднесува извештај до украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој нагласи дека украинскиот тим дејствува координирано, во рамки на задачите поставени од претседателот, и дека е подготвен да работи во различни формати, во зависност од текот на дијалогот.
Преговорите биле тешки, но релативно конструктивни
Според Телеграм-каналот „Ukraine Context“, неофицијален канал кој ги следи случувањата поврзани со војната во Украина и дипломатските процеси, синоќешните преговори биле тешки, но релативно конструктивни.
Авторите на каналот наведуваат дека, за разлика од претходните руски делегации, овојпат „речиси никој од руските преговарачи не се обидувал да се прави наивен или да ги претвори преговорите во лажно предавање по историја“.
Според истите извори, ваквиот пристап придонел разговорите да се водат пофокусирано и со помалку идеолошки настапи, иако суштинските разлики меѓу страните останале присутни.
Редакција Фронтлајн







