Белата куќа на официјалниот профил на Х, објави фото-илустрација на која американскиот претседател Доналд Трамп и пингвин шетаат низ снег.
На сликата се гледа снежен и леден пејзаж со планини во позадина и широка бела рамнина во преден план. Пингвинот носи американско знаме, додека во далечината, на падина, се забележува знамето на Гренланд.
Инаку, пингвините природно се распространети исклучиво на јужната хемисфера, пред сè на Антарктикот и во јужните делови на Јужна Америка, Африка, Австралија и Нов Зеланд. На северната хемисфера не постојат во дивина, па така ни на Гренланд.
Embrace the penguin. pic.twitter.com/kKlzwd3Rx7
— The White House (@WhiteHouse) January 23, 2026
Јасна алузија на претензиите кон Гренланд
Објавената фотографија се толкува како јасна алузија на претензиите на Трамп кон Гренланд. Во изминатите недели, Трамп повеќепати изјави дека САД „мора да го имаат Гренланд“, нагласувајќи дека арктичкиот остров е клучен за американската безбедност. Во тие изјави тој тврдеше дека САД ќе го „добиеле Гренланд на овој или на оној начин“.
Сепак, во средата, за време на говорот на Светскиот економски форум во Давос, Трамп ја отфрли можноста за употреба на сила. Подоцна се откажа и од заканите за воведување казнени царини кон осум европски земји, кои првично ги најави како средство за притисок поврзан со американската контрола врз Гренланд.
Нејасен „идeн договор“
Во објава на својата социјална мрежа, Трамп наведе дека во Давос со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, договорил „рамка за иден договор“. Засега, меѓутоа, останува целосно нејасно што би опфатил таков договор и колку далеку навистина се одвивале разговорите.
Редакција Фронтлајн





