Сојузот на синдикати вчера ја реализираше првата од најавените таргетирани блокади што ќе ги спроведе во следните денови барајќи зголемување на минималната плата на 600 евра и на сите останати плати за 6.000 денари. До почетокот на собраниската седница беа блокирани влезовите на македонското Собрание затоа што, како што беше кажано, пратениците повеќе од една година не ги носат измените за минималната плата и остануваат имуни на најновата иницијатива на ССМ за намалување на функционерските плати за 80 проценти.
– Денешниот ден треба да ги засрами сите, а најмногу оние 120 избрани пратеници. Мислам дека токму денеска на седницата која ќе ја имаат треба да предложат зголемување на минималната плата на 600 евра и зголемување на сите останати работнички плати за најмалку 6.000 денари или за разликата од претходната минимална плата и новата минимална плата која ќе ја изгласаат, изјави вчера претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Доколку тоа не го сторат, ССМ најавува собирање на 10.000 потписи со кои ќе станат овластен предлагач и ќе побара намалување на функционерските плати.
– Не осудуваа дека иницијативата на ССМ за намалување на нивните плати за 80 проценти била неуставна, затоа што ќе дошле на минималец. Прашуваме јасно и гласно како тоа ако ги намалат за 9,2 проценти коефициентите ќе биде уставно, а неуставно ќе биде да ги намалат за 80 проценти нивните коефициенти, да ја променат нивната основица со минимална плата наместо сегашната просечна плата, рече Трендафилов.
Пратениците на СДСМ ја напуштија седницата откако власта одби законот за минимална плата да го стави на дневен ред
Пратениците на СДСМ денеска ја напуштија собраниската седница откако мнозинството одби Законот за минимална плата да биде ставен на дневен ред, и покрај тоа што пред Собранието се одвиваше блокада организирана од Сојуз на синдикатите на Македонија со барање минималната плата да се зголеми на 600 евра и да има раст на другите плати.
Од СДСМ информираат дека нивните пратеници побарале дополнување на дневниот ред со законското решение кое ги инкорпорира барањата на синдикатите и работниците, но предлогот не бил ставен на гласање.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, реагираше дека со ваквата постапка се кршат пратеничките права и се создаваат двојни стандарди. Тој го повика претседателот на Собранието, Африм Гаши, јавно да образложи зошто предлог-законот не бил ставен на гласање – и пред пратениците, и пред граѓаните кои го блокираа Собранието.
Спасовски појасни дека предлогот за изменување и дополнување на Законот за минимална плата бил поднесен на 31 јануари и дека, согласно Деловникот, сите точки доставени до крајот на месецот треба да бидат разгледани на седницата. Како што нагласи, дополнувањето или корекцијата на текстот не значи повторно поднесување на законот.
Тој оцени дека барањето на синдикатите минималната плата да изнесува 600 евра, односно 36.960 денари, е реално и остварливо доколку постои политичка волја. Притоа потсети дека на почетокот на мандатот на владата на СДСМ минималната плата изнесувала 8.600 денари, а на крајот достигнала 22.400 денари.
Од СДСМ остро реагираа и на, како што наведуваат, селективната примена на правилата во Собранието, посочувајќи дека предлози доставени и непосредно пред седница редовно се ставаат на дневен ред – но само кога доаѓаат од пратеници на власта.
По едночасовна пауза, пратеничката група на СДСМ одлучи да не учествува во продолжението на седницата, оценувајќи дека ваквата пракса дополнително го нарушува угледот и дигнитетот на Собранието.
Мицкоски: Блокадите се политички мотивирани, постигнавме историски договор со репрезентативните синдикати на администрацијата и државната управа
Договорот што го постигна Владата со репрезентативните синдикати од администрацијата и јавната управа е историски и ќе овозможи зголемување на платите на вработените за 40 проценти, вели премиерот Христијан Мицкоски и додава дека со ова Владата како најголем работодавач го заокружува договорот со своите колеги.
Во врска со блокадата на Собранието од страна на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) смета дека и таа и протестите се политички мотивирани.
-Тоа ќе продолжи, затоа што ова има политичка позадина. Еден од денешните протестанти со мене држеше прес – конференција, во видно егзалтирана состојба, задоволен од тоа што го постигнавме. Денеска го гледате, блокира заедно со тој другиот кој што се повикува на работнички права, а злоупотребува службени возила за приватни цели и уште многу работи. Допрва, како што имам чувство, ќе бидат сведоци и работниците кој ги води и кој ги манипулира во овие политички инструирани процеси и тоа во периодот што следи ќе го има, рече премиерот Мицкоски.
ССМ ќе продолжи со блокади
Синдикатот, како што посочи Трендафилов, ќе продолжи со таргетираните блокади на кои согласно закон не се потребни многу луѓе. Во четврток ќе биде блокирана Стопанската комора, а следниот вторник Владата.
– На 28 јануари, на големиот работнички протест, кажавме дека тој е само почеток. Кажавме дека ќе правиме таргетирани блокади, за кои се потребни многу малку луѓе. Согласно Законот за јавни собири, потребни се 21 човек на улица за да се блокира одредена институција. Тоа ќе го правиме и наредните денови. Веќе во четврток ќе го блокираме приодот до Стопанската комора, а наредниот вторник, кога Владата ќе има седница, ќе ја блокираме и Владата, рече Трендафилов.
Синдикатот не ја исклучува можноста и за организирање генерален штрајк. Нивните барања за зголемување на минималната и на сите останати плати ги темелат на растот на животните трошоци и на растот на синдикалната потрошувачка кошница.
Ј. Ѓ.







































































































