Артан Груби кој утрово беше уапсен на преминот Блаце откако решил да се врати во земјава, е пренесен во Шутка, пренесува ТВ 24, по потврда од МВР.
Груби е пренесен во притворското одделение во Шутка бидејќи за него беше определен 30 дневен притвор во отсуство, додека беше во бегство. Од ОЈО Скопје велат дека дополнително ќе известат кога ќе се појави пред јавен обвинител.
„На Граничниот премин Блаце лишен од слобода Артан Груби. Денеска (23.02.2026) во 06:10 часот на Граничниот премин Блаце, на влез во државата, од слобода е лишен Артан Груби (48), кој беше баран со меѓународна потерница за истрага за сторено кривично дело по чл.354 ст.5 в.в. ст.3 в.в ст.1 в.в со чл.22. од КЗ“, соопштија утрово од Министерството за внатрешни работи.
Артан Груби е поранешен прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците од редовите на ДУИ. Во декември 2024 година беше ставен на т.н. „црна листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција, конкретно поради примање поткуп во врска со судските процеси поврзани со ексдиректор на поранешната Управа за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Набргу потоа тој се повлече од јавниот живот и покрај неговите тврдења дека е „чист како солза“, а откако Обвинителството отвори истрага за случајот со проневери во „ Државна лотарија“, во кој беше осомничен и Груби, тој побегна од државата. Тврдеше дека не избегал, туку дека бил во приватна посета на Косово, наведувајќи дека штом ги заврши обврските ќе се врати дома. Македонската полиција тогаш распиша меѓународна потерница по Артан Груби.

