Министерот за здравство, Венко Филипче денес прими донација во износ од 30.000 евра од амбасадорот на Кина во нашата земја, Џанг Ѕуо.
Како што информираше министерот Филипче во статус на Фејсбук, парите ќе бидат наменети за набавка на дополнителна заштитна опрема за медицинските работници и епидемиолозите.
За неколку дена се очекува да пристигне и додатна помош која вклучува реагенси, заштитни очила и скафандери.
„Благодарност до Народна Република Кина и амбасадорот Џанг Ѕуо за донацијата од 30.000 евра. Овие средства ќе бидат искористени за набавување на опрема за справување со КОВИД-19 за здравствените работници и епидемиолозите. Опремата ќе биде добредојдена за деновите кои претстојат при извршувањето на работните обврски во јавно-здравствените установи.
На 18. април се очекува да пристигне и дополнителна опрема од Н.Р. Кина – маски, каљачи, ракавици, реагенси, заштитни очила и скафандери.“ – напиша Филипче на својот Фејсбук профил.