Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) утврди сериозни прекршувања на програмските стандарди по извршениот вонреден надзор врз Вториот канал на Македонската радио-телевизија (МРТ2). Надзорот бил фокусиран на музичката емисија „Фестивал на детска песна – Билбилите на Кораб“, емитувана на 28 март 2026 година, каде била изведена песната насловена „Албански територии“ (Trojet Shqiptare).
Според наодите на Агенцијата, преку овој настап се поттикнува и шири нетрпеливост врз основа на национална и етничка припадност. Констатирано е дека во програмата биле користени иредентистички симболи и експлицитни политички пораки со кои се промовира обединување на територии. Изведувачката на песната носела маица со илустрација на картата на т.н. „Голема Албанија“, која опфаќа делови од Северна Македонија, Албанија, Црна Гора, Србија, Косово и Грција, додека на задната страна бил испишан слоганот „Еден јазик, еден народ, една крв“.
Дополнително, во извештајот се наведува дека самиот текст на песната содржел повици за територијално обединување на градови и земји од регионот. Сценскиот настап вклучувал и често покажување на симболот на двоглавиот орел од страна на изведувачката и танчерките. АВМУ посочува дека емитувањето на вакви содржини во програма за најмладите претставува обид за индоктринација и груба злоупотреба на децата за политички цели, што е во директна спротивност со соживотот во мултиетничкото општество.
Агенцијата потенцира дека фактот што овие спорни пораки поминале низ уредничкиот филтер на јавниот сервис укажува на системски пропуст во уредувањето на програмата. Од АВМУ потсетуваат дека МРТ има посебна законска одговорност да спречи промоција на идеи кои го негираат суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, како и обврска за целосна заштита на малолетниците во своите содржини.







