Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека од 10 април 2026 година официјално започнува целосната имплементација на новиот европски систем за влез и излез, познат како EES (Entry/Exit System). Со овој систем се воведува современ, дигитализиран начин на евиденција и контрола за сите државјани од земји кои не се членки на Европската Унија, а кои патуваат за краткорочен престој на територијата на Унијата.
Главната промена со воведувањето на ЕЕС е преминот кон електронска евиденција на влезовите и излезите, која ќе вклучува и обработка на основни биометриски податоци како што се отпечатоци од прсти и фотографија на патниците. Овој процес има за цел да овозможи побрза идентификација и многу поефикасно следење на дозволениот престој на странските државјани, согласно постојното правило за престој од најмногу 90 дена во период од 180 дена.
Од МВР укажуваат дека поради воведувањето на овие нови процедури на надворешните граници на Унијата, се очекува времето на задржување на граничните премини за влез во ЕУ да биде зголемено. Со цел да се избегнат поголеми застои и да се обезбеди брз и непречен проток на патници на нашите гранични премини, македонската Гранична полиција веќе ги презема сите потребни подготвителни мерки.
За таа намена, ставени се во функција сите расположливи материјално-технички и човечки ресурси на македонска страна. Граничната полиција ќе дејствува со засилена ангажираност на терен и континуирано ќе ја следи состојбата на граничните премини. Надлежните служби остануваат посветени на одржување на проточноста на сообраќајот и навремено ќе ги информираат граѓаните за сите дополнителни вести и промени поврзани со практичната примена на овој нов дигитален систем.







































































































