Во Скопје денеска се одржа креативен и едукативен настан за ученици од основните училишта, „Зеленикс – од предизвик до иновација“, по повод 21 Април – Светскиот ден на креативноста и иновациите, во организација на Агенцијата за иновации, научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, соопштуваат од Министерството за образование и наука.
На настанот пред учениците биле поставени таканаречени „зелени предизвици“, а нивна задача била да предложат решенија за нивно надминување.
Покрај директорката на ИНОВА, Даниела Димовска, се обратила и министерката за образование и наука Весна Јаневска, која истакнала дека ваквите иницијативи се важни за поттикнување на младите да се вклучат во создавање подобра иднина.
„Сакаме да ги стимулираме младите да создаваат решенија што го олеснуваат животот на луѓето, без да ѝ наштетат на природата. Да се фокусираат на поголема грижа за здравјето, посилна заштита на животната средина, справување со климатските промени, но и унапредување на образованието и економијата. Тоа значи да помогнат во изнаоѓање одговори на најголемите предизвици на 21 век“, рече Јаневска.
Таа нагласила дека енергијата, љубопитноста, креативноста и иновативноста се најсилните карактеристики на младите, а задача на креаторите на политики и наставниците е да ги поддржат и насочат во нивниот развој. Според неа, токму затоа се интензивираат промените во образованието, со акцент на критичкото размислување, креативноста и иновативноста.
„Нашата цел не е да имаме само поединечни таленти, туку да создаваме цели генерации креативни и инспиративни млади луѓе. Генерации кои ќе покажуваат грижа за општеството, ќе создаваат нови вредности и активно ќе учествуваат во обликувањето на иднината“, истакна министерката.
Таа додаде дека училиштата се опремуваат со лаборатории, се организираат натпревари за знаење и вештини, а се зголемуваат и инвестициите во науката и истражувањата, како и можностите за учество во меѓународни програми како Хоризонт Европа, Еразмус+ и ЦЕЕПУС.
На крајот, Јаневска им порача на учениците да бидат креативни, посветени и одговорни во соочувањето со заедничките предизвици.
„Запомнете, големите успеси започнуваат со мали чекори. Можеби токму некој од вас, тука и денес, го прави својот прв чекор кон голем успех“, им порача Јаневска на учениците.
Светскиот ден на креативноста и иновациите е прогласен од Обединетите Нации, а првпат бил одбележан во 2018 година.







