Во рамки на конференцијата насловена „Препознавање на родово базирано насилство и механизмите за заштита на жените во спортот“, претставничката на Македонскиот олимписки комитет (МОК), Елена Зисовска Апостолска, порача дека безбедноста, достоинството и заштитата на сите спортисти се темелни вредности на Интернационалниот олимписки комитет и Олимписката повелба.
Во своето обраќање, Зисовска Апостолска категорично нагласи дека не може да се очекува врвен и олимписки резултат доколку спортот не е безбедна средина за сите негови чинители. Таа информираше дека МОК веќе ја има препознаено оваа чувствителна тема како свој приоритет, поради што е назначен и офицер за заштита во спортот. Дополнително, таа посочи дека во тек е проект кој ги опфаќа националните спортски федерации, чија примарна цел е воспоставување конкретни механизми и политики за заштита.
Овој настан отвори значајна јавна дискусија за предизвиците, но и за решенијата кои водат кон поголема безбедност, еднаквост и ефективна заштита на жените во спортскиот сектор.






