БЕЛГРАД – Регионалната рок ѕвезда Дарко Рундек денеска во центарот на Белград, на улицата „Кнез Михаилова“, пред повеќе од 2.000 луѓе одржа мини-настап со кој ги најави двата претстојни концерти кои ќе се одржат во главниот град на Србија на 5 и 6 јуни, пренесе N1.
Рундек настапи заедно со саксофонистката Ана Ковачиќ, што претставуваше отворена покана за двата концерта насловени „Уз ријеку за ријеке“ (Покрај реката за реките). Со овие настапи во Лука Белград ќе биде одбележана 41-годишнината од култниот албум „Болеро“.
Денешниот настап пред Европската куќа воедно беше и дел од манифестациите со кои во Белград се одбележува Месецот на Европа.
Рундек го искористи овој настан за повторно да испрати порака за солидарност до студентското движење преку изведба на песната „Ay Carmela“. Тој истакна дека студентите со своите протести и енергија направиле „нешто големо“, не само во Србија, туку и во целиот регион.
„Длабоко сум восхитен од она што студентите и луѓето во Србија го направија и го прават, тоа е значајно не само за Србија, туку и многу пошироко“, порача Рундек пред присутните.
Последен пат Рундек настапуваше во Белград во март 2025 година, кога одржа три концерта во МТС Дворана, на кои исто така изрази јавна поддршка за студентските протести.
Редакција Фронтлајн






