Животното кое вчера беше заловено во скопската населба Козле е дефинитивно волк (Canis lupus), а не куче или мешанец, соопштија денеска официјално од ЗОО Скопје, со што се потврдија првичните сомнежи што вчера беа објавени и од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
По детални проверки, проценки и консултации со домашни и странски експерти, стручните служби на ЗОО Скопје ја потврдија идентификацијата на животното. Дополнителна потврда дојде и од инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои излегоа на терен и се уверија дека станува збор за вистински волк. За меѓународна стручна верификација, контактирани се и експерти и институции од повеќе европски центри и резервати за волци.
Контекстот за овој несекојдневен настан започна вчера, кога волкот беше заловен со ремче и ланец, што укажуваше на тоа дека бил незаконски чуван како домашно милениче. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски тогаш реагираше со згрозување, нарекувајќи ја ваквата постапка неодговорна и сериозна опасност за безбедноста на сограѓаните и целата околина. Животното веднаш беше префрлено во ЗОО Скопје.
ВОЛК ЗАЛОВЕН ВО СКОПСКА НАСЕЛБА: Бил чуван незаконски со ремче и ланец
Во меѓувреме, се појавија дилеми дали станува збор за вистински волк или за домашно куче од расата чехословачки волчјак. Мистеријата денеска беше разрешена откако во ЗОО Скопје пристигнале сопствениците на кучето Сириус, од гореспоменатата раса, по кое трагале веќе два месеци. Тие на лице место се увериле и самите потврдиле дека заловеното животно не е нивниот Сириус, туку е вистински волк.
Од ЗОО Скопје информираат дека животното не е чипирано. Станува збор за млад волк, кој тежи околу 25 килограми. Проценката е дека тој е неухранет и недоволно развиен за својата возраст. Стручните служби зеле крв за биохемиска анализа и дополнителни испитувања.
Од Зоолошката градина упатија апел до јавноста да не се шират шпекулации и дезинформации, туку сите заедно да работат на едукација дека диви животни не се чуваат како домашни миленичиња на ланец. Тие најавија дека внимателно ќе ги следат здравствената состојба и однесувањето на волкот и ќе ја информираат јавноста за сите понатамошни информации.
Ј. Ѓ.







