Музичкото дуо Добрила и Дориан го најавија издавањето на својот нов, трет по ред албум, насловен „Wind To Blow“ (Ветер да подујне). Изданието, кое излегува под етикетата на „SJF Records“ (Скопски џез фестивал), ќе доживее двојна промоција пред македонската публика.
Првичното претставување на компакт-дискот ќе се одржи утре, 21 мај (четврток), во просториите на „Аудиокултура“, со почеток во 19:30 часот. По оваа промоција, публиката ќе има можност да го слушне материјалот и во живо на голема концертна промоција, која ќе се случи на 4 јуни во Националната опера и балет (НОБ), во рамките на 25-тото јубилејно издание на фестивалот „ОФФест“.
Новиот музички проект доаѓа по нивните претходни успешни изданија „Апокриф“ и „Пиле Шарено“. Во овој проект, Добрила Грашеска се претставува со вокал и вокални лупови, додека Дориан Јовановиќ е задолжен за ут, лупер, електроника и програмирање.
Целокупниот процес на снимање, миксање, мастеринг и продукција на албумот е реализиран од страна на Дориан Јовановиќ во студиото „Профундус“ во Скопје. Визуелниот идентитет на изданието е комплетиран со дизајн на Ника Гавровска и фотографии изработени од Наташа Величковска.











































































































