СДСМ упати остри критики за патувањето на премиерот Христијан Мицкоски во Брисел, обвинувајќи дека не станува збор за летна екскурзија, туку за тајна мисија со цел отпочнување на преговорите со Европската Унија и прифаќање на францускиот предлог.
Од партијата истакнуваат дека Брисел во август не е туристичка дестинација, туку центар на европската бирократија каде што се оди само кога има конкретна работа. Според СДСМ, бидејќи Владата нема резултати на ниту едно поле, единствен начин да прикаже успех е отворањето на преговорите со ЕУ.
Опозицијата го поврза патувањето со неодамнешните изјави на министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, за преговори „под радарот“.
„Зошто таен план? Затоа што гласачите на ВМРО не смеат да дознаат дека повторно се излажани. Мицкоски дојде на власт со лаги за името, за Преспанскиот договор, за „подобри преговарачки услови“ и лаги дека протоколите се дел од рамката. Сега самите ги побиваат“, се наведува во реакцијата.
Од СДСМ посочуваат дека претседателката Сиљановска веќе потврдила дека македонскиот идентитет е заштитен, Муцунски признал дека протоколите не се дел од преговарачката рамка, додека самиот Мицкоски го нарекол Преспанскиот договор ремек-дело на дипломатијата.
Според социјалдемократите, сето она што владејачката партија го ветувала во кампањата паднало во вода и сега мораат да го прифатат она против што се бореле. Од СДСМ заклучуваат дека токму затоа се спроведува овој „таен план“ среде лето, оценувајќи го ова како доказ за нивната сопствена државотворна политика и потврда на лагите со кои актуелната власт ја добила довербата на граѓаните.






