Пишува: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
Интересен е третманот и критиката на јавноста во однос на избирањето и именувањето на кадри од невладиниот сектор на државни функции од страна на двете најголеми партии во земјава, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ.
Верувам се сеќавате како беа дочекани во јавноста кадрите од невладините кога, по „Шарената револуција“ и падот на режимот на Груевски, помал дел од нив влегоа во СДСМ, а имаше дваесетина кои беа избрани, именувани или ангажирани на високи и пониски државни функции – неколку пратеници, министри и директори, а повеќемина ангажирани како советници.
Речиси сите беа редовно „на тапет“, не само на тогашната опозиција и медиуми блиски до неа кои по нив маваа посилно отколку по партиските кадри на СДСМ, туку и на колегите од невладиниите. Се правеа дури и дебати, конференции, публикации и извештаи, каде овој ангажман се оценуваше како штетен, удар и ослабување, па дури и дискредитирање на целиот граѓански сектор.
За разлика од тој третман, погледнете го третманот кон кадрите од невладиниот сектор кога тие се ангажирани, избрани или именувани од ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, како прво, во земјава постои една постојано потхранувана заблуда дека СДСМ е поотворена кон ангажманот и давањето важност на невладините, но ако се погледаат фактите, ќе се види дека тоа не е баш така.
На пример, ВМРО-ДПМНЕ застана зад и ги избра за претседатели на државата Иванов и Силјановска-Давкова, кои освен по професурата се познати како долгогодишни невладини кадри, со плодна соработка и со Фондацијата Отворено општество (односно Сорос, инаку, нели „озлогласена“ и постојано оцрнувана токму од ВМРО и десницата).
И актуелниот министер за здравство (претходно директор на ФЗОМ) Клековски, беше прв и долгогодишен директор на МЦМС, една од најголемите невладини организации во земјата. Најново, имаме именување на амбасадорка, Мангова во Велика Британија, земја постојана членка на Советот на безбедност на ОН и една од најголемите светски воени и економски сили. Исто така, неодамна, во Извршниот комитет на УЖ на ВМРО-ДПМНЕ е избрана истакната долгогодишна активистка за правата на лицата со попреченост.
Да не зборуваме за подалечното минато и невладините кадри поставени на високи функции од ВМРО-ДПМНЕ: Боцевски (вицепремиер и подоцна амбасадор), Димовски (пратеник), Донев (амбасадор), за жал починатата Конеска-Трајковска која беше вицепремиер во првата влада на Груевски…
Испаѓа дека далеку поважни позиции невладините кадри држат во време на ВМРО-ДПМНЕ, отколку во време на СДСМ. Но, и неспорен е фактот дека јавноста речиси воопшто не го забележува ова.
Да не се разбереме погрешно. Имам голема почит кон капацитетите и знаењата на голем дел од овие луѓе и мислам дека нивното присуство во државните институции и партиите може да биде само од корист за општеството, бидејќи внесува во ригидните партиски хиерархии поинаков пристап, размислување, знаења и искуства. Што поотворени се партиите кон вакви кадри, тоа подобро за сите нас.
Но не можам а да не ја забележам разликата во третманот на јавноста кон невладините кадри во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. И чувствувам потреба да укажам на таа разлика, оти е силен аргумент за пристрасноста, квалитетот на критиката и капацитетот на оние што себеси се нарекуваат „критичка јавност“!






