Групата „Фолтин“ со голем јубилеен концерт во Хераклеа Линкестис во Битола одбележа 30 години од својата прва средба со публиката. Концертот се одржа на 29 август и, според информацијата од бендот, беше вечер исполнета со силна енергија и непосредна комуникација меѓу музичарите и публиката.
Три децении музичко творештво беа претставени низ песни од различни периоди од кариерата на „Фолтин“, со што јубилејот беше одбележан токму на сцената, преку музиката што го изгради препознатливиот идентитет на групата. Од бендот велат дека триесетте години не биле „раскажани“, туку „отсвирени“ песна по песна, пред публиката што беше дел од целата атмосфера.
На сцената на јубилејниот концерт на „Фолтин“ им се придружија и повеќе пријатели и музички соработници.
Со бендот настапија Оливер Јосифовски, Алек Секуловски, Дина Јашари и Лука Тошев, како и членовите на Дувачкиот оркестар на Битола – Стефан Тасевски, Мирко Митровски и Љупчо Богатиноски. Секој од гостите придонесе со свој музички израз во програмата подготвена за одбележување на тридеценискиот јубилеј.
Концертот во Хераклеа истовремено го означи и крајот на годинашното издание на „Битфест 2026“.
Иако со јубилејната вечер беше спуштена завесата на фестивалот, од „Фолтин“ најавуваат дека прославата на 30-годишнината продолжува и дека следуваат нови поводи за средби со публиката.
„Фолтин“ повеќе од три децении гради специфичен музички и сценски израз, а јубилејниот концерт во Хераклеа беше посветен токму на долгогодишната врска на групата со нејзината публика.







