Претседателот на Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина Франческо Рока ги повика владите да почнат да размислуваат за нешто слично на Маршаловиот план, широка операција која им помогна на земјите да закрепнат по Втората светска војна.
„Потребен ни е план за општествен одговор, пред да стане предоцна“, изјави Рока на видео прес конференцијата одржана вчера. Во име на организацијата, тој изрази загриженост поради фактот што милиони луѓе во светот немаат никакви примања поради вонредните мерки за заштита од Ковид-19.
Без сеопфатен економски план за опоравување, луѓето ќе ги напуштаат своите заедници, бидејќи „нивна единствена опција ќе биде гладувањето“, што ќе ја зголеми миграцијата, предупреди Рока.
Рока, кој е на чело на најголемата хуманитарна организација во светот која работи во 192 држави, предупреди дека кризата предизвикана од корона вирусот би можела да доведе до социјални немири и глад.
А. Н. С.