„Исчекорот со трансплантација на срце е круната на македонската медицина. Кога сѐ беше завршено требаше да почекаме неколку моменти за да зачука срцето. Пресаденото срце работеше со очекуван ритам. Прво неколку секунди сите молчеа, а потоа се слушна ракоплескање, воодушевување, а имаше и по некоја солза. Се надевам дека ќе продолжиме во овој правец. Она за што најмногу треба да се бориме е да имаме што повеќе донори. Имаме одлични тимови, одлично сме координирани. Останува да имаме доволно срца за да спасиме доволно животи“, рече директорот на Клиниката за Државна кардиохирургија д-р Сашко Јовев.
Тој информираше дека пациентот засега е добар и се надева дека ќе остане добар.
„Ова, не само што преставува, само по себе, како зафат, круна во кардиохирургијата и во медицината, туку претставува и заокружување на еден процес, што го започнавме, процес на лекување на терминалната срцева слабост. Патологија, која што е се почеста. Патологија, која што во светот завзема епидемиски размери. Лекувањето на терминалната срцева слабост, го започнавме со имплантацијата на уреди, така наречени механички помагала или популарно кажано механички срца“, изјави Јовев во текот на вчерашниот ден, по транплантацијата на срце.